X
 11.03.2020 Живот

Обрасците за пасоши може да пристигнат за една недела

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска повтори дека наскоро се очекува да пристигнат обрасците за пасоши, по што ќе бидат ангажирани повеќе припадници на управните служби на МВР со цел во кус период да се изготват пасошите за околу 20 илјади граѓани што имаат поднесено барања и треба да ги добијат патните исправи.

Тој рече дека ширењето на коронавирусот не го намалило интересот на граѓаните за барања за патни исправи.

- За жал, интересот не е намален. Во постапка за издавања пасоши, односно баратели се нешто помалку од 20 илјади лица на кои МВР им должи издавање патни исправи. Согласно со договорот што е склучен од претходниот министер Оливер Спасовски, патните исправи треба да дојдат на 24 март. Имаме ветување од „Веридос“ дека патните исправи ќе стигнат 7 до 10 дена пред овој рок, значи некаде од 15 до 17, 18 март, според нивното ветување, иако тоа не е обврзувачко врз основа на договорот - рече Чулев.

Тој појасни дека МВР веќе направило ургентен план за што е можно повеќе припадници на МВР и на управните служби да бидат ангажирани во надминување на пасошката криза веднаш по пристигнувањето.

- Значи, штом ќе пристигнат околу 100 илјади пасоши и доколку се стават сите капацитети на МВР во функција, за 24 часа ќе бидат направени три илјади пасоши, така што за една недела би се задоволиле сите потреби за пасош - рече министерот за внатрешни работи кој денеска беше во посета на полициската станица Гази Баба и во Единицата за недозволена трговија со наркотици во рамките на СВР Скопје.

Истовремено, тој најави дека ќе биде зајакната и превентивната функција со посета на училишта и со разговор со родителите на учениците со цел превенција од злоупотреба на наркотици.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот