X
 11.03.2021 Технологија

Преку читање на мозочните бранови вештачката интелигенција открива кои лица ви се попривлечни

Се вели дека убавината лежи во окото на набљудувачот, но вистината всушност оди подлабоко од тоа.

Концептот за физичка убавина е во умот, дефиниран од сите карактеристики што ни се допаѓаат на лицето на другите. Овие суптилни преференции се нашите најприватни внатрешни мисли, но тоа не значи дека не можат да се надгледуваат, па дури и предвидат.

Во ново истражување научниците со помош на електроенцефалографијата (ЕЕГ) утврдиле кои карактеристики на лицето луѓето ги сметаат за привлечни, а резултатите ги испратиле во програма на вештачка интелигенција.

Системот за машинско учење, наречен генеративна контрадикторна нервна мрежа (GAN), најпрво се запозна со видовите лица што поединците ги сметале за пожелни, а потоа создал целосно нови, специјално дизајнирани лица чиј изглед ги исполнува преовладувачките естетски критериуми.

Експериментот, предводен од психолози и компјутерски научници од Универзитетот во Хелсинки, вклучил 30 волонтери на кои на компјутерски екран им биле прикажани различни лица; ниедно не му припаѓало на вистински човек, туку биле портрети генерирани од збир на податоци на приближно 200.000 слики на познати личности.

Учесниците носеле капчиња на главите опремени со електроди дизајнирани да ја мерат активноста на мозокот додека гледале разни портрети.

kompjuter
Фото: Cоgnitive computing - TUTKIMUSRYHMÄ

Индивидуалните мерења на нервната активност биле оценети од GAN, кој врз основа на одговорот на мозокот пресметувал колку некој набљудувач го смета за привлечно прикажаното лице. Користејќи ги податоците, GAN генерирал нови лица, креирани благодарение на идентификаторите за привлечност на ЕЕГ.

Во друг експеримент, на волонтерите им биле покажани нови лица. Се покажало дека овие новосоздадени лица биле привлечни за испитаниците во 80 отсто од случаите и сите други лица во 20 отсто од случаите.

Иако ова е мало истражување, ни дава чувство за тоа колку вештачката интелигенција може добро да нѐ процени. Ако вештачката интелигенција може да сфати толку лични и субјективни искуства како привлечноста, тогаш може да разбере други когнитивни функции, како што се перцепцијата и донесувањето одлуки.

Најавено е и следно потенцијално истражување: препознавање стереотипи и подобро разбирање на индивидуалните разлики.


Извор: Neurosciencenews.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија