Еден литар масло за готвење во Косово вчера се продаваше по цена од 3,49 евра. Косовскиот премиер Аљбин Курти вчера изјави дека цената е највисока во целиот свет.
Цената на маслото во Косово астрономски се зголеми за само два дена, од 1,6 евро на 3,49 евра. Тоа поттикна многу реакции од граѓаните, а вознемирени беа и политичарите.
Во меѓувреме, косовските медиуми правеа споредби со цените на маслото со други земји и известуваа дека во Македонија еден литар масло чини 1,59 евро, во Англија 1,3 евро, а во Германија 1,79 евро.
Косовскиот премиер Курти вчера истакна дека цената е вештачки создадена и дека е покачена на штета на потрошувачите.
- Ова е вештачко покачување на штета на потрошувачите во Косово. Нема никаква причина или потреба за вакво покачување. Моментално цената на маслото во Косово е највисока во целиот свет. Станува збор за напумпани цени создадени од човечки фактор, а не од објективната состојба на терен. Цените треба да се намалат. Цената од 3,49 евра е вештачка, неразумна и е поврзана со луѓе што сакаат да имаат корист од светската криза, а не од реалната состојба во Косово - истакна Курти.
Косовските медиуми пренесоа дека набавната цена на маслото во Косово е 1,6 евро.
Извор:
Gazeta Express
Насловна фотографија: Freepik