Анализата за инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта покажа дека во Арачиново се наоѓа најмалку технолошки развиеното училиште. Има само 8 компјутери за 1.758 запишани ученици. Ова училиште во Арачиново нема магнетни табли, смарт-табла, музички системи, ни видеоопрема.
Скопската Општина Карпош има најголем индекс на инфраструктурен развој на основните училишта, а Општина Чешиново-Облешево е со најнизок. Општина Дебарца стои најдобро кога се во прашање руралните средини, а Општина Пласница има најлоши резултати. Ова се само дел од резултатите од обемното истражување на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) од Скопје.
Aнализата за инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта содржи податоци собрани од 799 основни и подрачни училишта во Македонија. Поголем дел од училиштата, односно 498, се подрачни, а 301 - основни.
Состојбата со инфраструктурниот развој и техничко-технолошката опременост во училиштата е многу подобра во основните за разлика од подрачните училишта. Полоши услови има во руралните средини. Училиштата од руралните средини во просек имаат пониско ниво на инфраструктурен развој во споредба со училиштата од урбаните средини.
Кога е во прашање индексот на технолошки развој на ниво на општини во урбаните средини, најдобар резултат има Општина Македонски Брод, а најлош Општина Богданци.
- Разгледувајќи го индексот за технолошки развој на основните училишта во урбаните средини, може да се забележи дека постојат големи разлики меѓу општините. Разликата меѓу релативно најмалку развиената општина и релативно најразвиената општина е многу поголема отколку разликата во степенот на инфраструктурен развој на училиштата. Највисока вредност на индекс за технолошка развиеност има основното училиште во Македонски Брод каде што, според податоците добиени од училиштето, учениците имаат на располагање дури 560 компјутери, има и проектори, магнетни табли. Во Општина Богданци се наоѓа технолошки најмалку развиеното основно училиште споредено со другите основни училишта. Тоа не располага со ниту еден компјутер, ниту еден проектор, графоскоп и ниту еден музички систем – пишува во извештајот.
Организаторите истакнаа дека индексот од 1 не значи дека во училиштето има идеални услови, туку дека е најдобро во споредба со другите училишта.
Кога се во прашање руралните средини, во Арачиново се наоѓа најмалку технолошки развиеното училиште. Има само 8 компјутери за 1.758 запишани ученици. Ова училиште во Арачиново нема магнетни табли, смарт-табла, музички системи, ни видеоопрема.
Борис Џартов од ЗМАИ на денешната презентација на анализата истакна дека се произлезени и препораки за подобрување на состојбите. Според него, прво треба да се изградат санитарни јазли во 30. училишта каде што ги нема, да се изградат фискултурни сали во сите 105 основни училишта каде што недостигаат.
- Нашата анализа покажа дека 440 основни и подрачни училишта немаат училишна библиотека. Проценивме дека се потребни 1,86 милион евра за да се опремат. Поразително е и тоа што интернет нема во 40 отсто од училиштата во руралните средини – рече тој.