Сите ние некогаш постапуваме наивно, а интернетот е убедливо место. Но, зошто некои од нас веруваат дека добиле на лотарија кога ќе видат само еден сомнителен линк?
Истражувачи од универзитетите во Кембриџ и во Хелсинки создадоа интернет-алатка за да го тестираат тоа. Истражувањето е наречено „Подложност на убедување II“ и открива зошто е поверојатно некои луѓе да поверуваат во илегалните интернет
измами.
- Исто како и во рекламирањето, елементи од консуматорската психологија и економското поведение се вклучени во дизајнот на интернет-измамата и затоа е корисно да се знае кои карактерни особини ги прават луѓето поподложни на нив - вели главниот автор на студијата, Давид Модич.
При тестирањето се поставуваат неколку прашања за да се проценат особините што ги прават луѓето подложни на измама. Тука се вклучени способноста да се размисли однапред, доследноста, барањето сензации, самоконтролата, социјалното влијание, потребата за сличност, однесувањето со ризиците, односот кон рекламите, сфаќањето и посебноста. На крајот од тестот, учесниците добиваат одреден број поени за секоја од десетте области.
Досега е откриено дека лица што не ги осмислуваат претходно нивните дејствија е поверојатно да им поверуваат на интернет-измамите. Ова има смисла бидејќи лице што е поимпулсивно е поверојатно да поверува во измама без да размисли за последиците.
- Измамите се присутни со векови и со текот на времето не се промениле многу. Единствената разлика сега со интернетот е што е потребен многу помал напор - објаснува Модич.
Изненадувачки, студијата утврдила дека демографијата на оние што веруваат во измамите е различна отколку кај оние што се погодени од традиционалните форми на криминал.
- Оваа година околу еден милион британски домови ќе бидат жртви на типичен криминал како кражба, каде што просечната жртва е постара жена од работничка класа. Сепак, сега 2,5 милиона домови ќе бидат жртви на интернет-измама, каде што жртвите се помлади и пообразовани. Криминалот оди напред - вели професорот Рос Андерсон.
Истражувачите додаваат дека нема типична жртва на сајбер-криминал.
- Постарите генерации можеби се сметаат за помалку вешти на интернет, но помладите генерации се поизложени на измами и може да се сметаат за поимпулсивни - вели коавторот Јуси Паломаки.
Истражувачите се надеваат дека тестот ќе им помогне на луѓето да сфатат кои се нивните слабости кога станува збор за интернет-измами и дека нема да паѓаат на евтини финти.
- Не велам дека е сигурен начин преку кој нема да бидат измамени, но има нешта за кои треба да бидат свесни. Тестот не мери само колку е веројатно да подлегнете на измама, туку и колку е веројатно да го смените вашето однесување - вели Модич.
Можете да учествувате во студијата и
тука да пристапите до тестот.
Фото: Freepik