Измамите поврзани со сместувањата на „Ербиенби“ може да го уништат одморот. Оваа платформа станува сè попопуларна, но со тоа се зголемуваат и шансите за измама, која може да биде од неколку различни видови.
На платформата има над седум милиони сместувања. „Ридрс дајџест“ ги набројува најчестите измами поврзани со „Ербиенби“ за да ви помогне да ги одбегнете.
Фотографиите изгледаат предобри за да бидат реални
Понекогаш јасно се гледа дека некои фотографии се менувани, но понекогаш тоа е тешко да се забележи. Користењето лажни фотографии е класична измама на „Ербиенби“. Доколку фотографиите изгледаат предобро во однос на цената или локацијата, обидете се да ги пребарате истите фотографии на „Гугл“ за да видите дали се преземени или украдени од друго место.
Тоа може да го сторите на
images.google.com со прикачување на фотографијата користејќи ја иконата во облик на фотоапарат. Доколку фотографиите се достапни на друга веб-страница, „Гугл“ ќе ви ги покаже.
Фото: Pixabay
Лоши оцени и коментари или недостиг на оцени
Доколку некое сместување е добро, а сè уште нема оцени или коментари, не очајувајте бидејќи можеби станува збор за ново сместување. „Ербиенби“ ви дава опција да ја видите просечната цена за сместување во таа локација за да може да одредите дали понудената цена е во ред.
Може да проверите и дали идентитетот на сопственикот е верификуван од „Ербиенби“ на нивниот профил. Обично измамниците не оставаат многу информации на нивните профили. Секогаш може да побарате оцени и коментари за сопственикот преку „Гугл“.
Предобри оцени и коментари
Од друга страна, има ситуации во кои сите оцени и коментари се добри и имаат слични реченици. Доколку видите премногу слични коментари, можеби тие се лажни. Сепак, доколку има само позитивни коментари, а сопственикот е означен од „Ербиенби“ како „суперсопственик“ (англ. superhost), веројатно станува збор за сместување кое навистина е добро.
Сопственикот сака да комуницирате или да платите надвор од „Ербиенби“
Платформата советува комуникацијата и плаќањето да се одвиваат преку нејзината веб-страница или апликацијата бидејќи само така може да гарантира за трансакциите. Затоа, никогаш не треба да се договарате да платите во готовина. Одбегнувајте и сместувања кои ве носат на друга веб-страница, надвор од „Ербиенби“.
Фото: Pixabay
Веб-страницата изгледа слично на „Ербиенби“
Кога барате сместување, осигурете се дека се наоѓате на вистинската страница на „Ербиенби“ (
www.airbnb.com). На интернет има слични веб-страници кои може да изгледаат како платформата, но всушност станува збор за измама.
Сместувањето изгледа совршено, сè додека не стигнете таму
Доколку сте разочарани од сместувањето што сте го резервирале, треба да знаете дека „Ербиенби“ ве заштитува од ваквите измами. Во овој случај платформата ќе ви резервира ново сместување со иста или слична вредност или ќе ви понуди целосно рефундирање доколку ја известите во првите 24 часа по пристигнувањето.
Може да се пожалите за сопственик што не реагира на вашите пораки, или што ви откажува во последен момент, или за нечисто или небезбедно сместување, лажен опис на платформата или работи во сместувањето што недостигаат.
Автор. Клое Нанстад
Извор:
rd.com