X
 11.04.2019 Живот

Дали среќата може да биде извезена? Едно финско училиште верува дека може

Финска повторно се најде на првото место кога станува збор за среќата. Нордиската земја, во која живеат само 5,5 милиони луѓе, се најде на првото место во светскиот извештај за среќата.

И покрај тешките и пролонгирани зими, позитивниот поглед кон животот на Финците е поттикнат од ниското ниво на криминал, пристапот до природата, достапната грижа за децата, субвенционираната здравствена заштита и најважно, бесплатното образование.

Задолжителното училишно образование почнува на седум години, што е доцна во споредба со другите земји. Стандардизираното тестирање не постои во Финска, а учениците се охрабруваат да ги истражуваат своите предности наместо да се натпреваруваат, во порелаксирана средина, за која образовните експерти велат дека може да има доживотно позитивно влијание.

Џон Хеливел, уредник на светскиот извештај за среќа, вели дека финските деца имаат највисоки оценки на ПИСА-тестирањето за образование, и токму поради тоа Финска го привлече меѓународното внимание.

- Истото се случува и со среќата, во однос на животот како целина - изјави тој.

finska

Највисоките едукатори во земјата обезбедија дека системот се движи над резултатите од тестовите кон развој на среќни и добро приспособени деца и возрасни.

Сега, едно претприемничко училиште од Финска се проширува надвор од оваа земја, извезувајќи ги своите лекции на глобално ниво, во обид да ја шири и продаде оваа среќа.

Тестовите, натпреварите и рангирањата се избегнуваат од Хелсиншките меѓународни училишта, институција со разграноци во Кина, Австралија и во Јужна Кореја, чија цел е да создаде висококвалитетно образование во раното детство, достапно за што повеќе деца.

Институцијата вели дека нејзиниот концепт се покажал како успешен во шест дополнителни разграноци. Првото училиште се отворило во монголскиот град Баотоу во 2017 година, а во ова училиште учеле 300 деца на возраст од 3 до 6 години. Сега се планирани нови иницијативи во Аргентина, Саудиска Арабија и во Кувајт.

- Сфативме дека ако можеме да направиме моделот да функционира во внатрешна Монголија, тогаш веројатно ќе функционира насекаде - изјави Мила Коко, главен извршен директор и соосновач на Хелсиншките меѓународни училишта.

- Јасно е дека Финска има нешто вредно што може да им го понуди на луѓето низ светот - додаде таа.

Идејата е да соработуваат со странски едукатори наместо да извезуваат фински едукатори, додаде таа.

Oвие училишта регрутираат, тренираат и работат со локални партнери за да создадат и да управуваат предучилишни установи што го одразуваат финскиот модел, користејќи фински дизајнери и архитекти да изградат инспиративни простори.

- Започнавме со изградба на овој холистички пакет со кој луѓето надвор од Финска ќе можат да управуваат. Ако моделот беше базиран да се пронајдат фински наставници за да управуваат со него, тогаш на крајот немаше да останат наставници - изјави директорката.

Таа вели дека истражувањето покажува дека децата најефективно учат кога чувствуваат ентузијазам за одредена тема.

- Тешко е во конкурентните средини да кажете: „Опуштете се и дозволете им на децата да си ги пронајдат сопствените интереси. Би рекла Финска не е многу конкурентно општество, па полесно е да се имплементира ова. Кога ја имате културата, тогаш гледате дека методот функционира, меѓутоа, култура во која има модели на конкурентност и рангирање, доста отежнува - додава таа.

2

- Образованието во Финска не беше отсекогаш на прво место. Финска се соочи со многу важни реформи што беа воведени пред неколку децении, што покажуваат дека доброто образование не е специфично за нацијата, туку може да се развие насекаде - вели Хеливел.

Но, за разлика од Финска, овие училишта не се бесплатни, а цената е погодна за локалната средна класа.

- Причините за успехот на секој образовен систем секогаш се сложени, контекстуални и секогаш постои последователно објаснување - вели Рика Хофман, предавач на факултетот за образование при Универзитетот во Кембриџ.

Таа додава дека интересна работа во врска со финскиот образовен систем е тоа што бил развиен за да го поддржи учењето на децата.

- Не знаеме дали работите што функционираат во една културна и политичка средина ќе функционираат во друга, меѓутоа, институцијата Хелсиншки училишта се обидува да развие конструктивен начин на предавање на наставниците во различни земји.

Едно место со речиси дијаметрално спротивставена образовна култура е Јужна Кореја, каде што акцентот е ставен на академските достигнувања. Сеолми Ли, родител во училиштето за високо образование, вели дека дошла во хелсиншкото училиште да побара алтернативен модел откако магистрирала за рано детство.

Таа смета дека образованието во Јужна Кореја е заглавено во традиционален систем каде што децата функционираат во поставена рамка со фиксни одговори. Таа е импресионирана што во финското образование децата самостојно ја преземаат иницијативата за да одлучат каква активност сакаат да извршуваат, пронаоѓаат одговори во играта што ја избираат и ја завршуваат активноста без поставено време или рамка. Со тоа децата добиваат огромно чувство за остварување, како и самодоверба, што на крајот води кон среќа.

- Секој родител сака неговото дете да биде среќно. Сакам да ги научам моите деца дека среќата е нешто што треба да го создадат за себе, наместо некој друг да го направи тоа - вели Ли.

Истражувањата доследно докажуваат дека солидната основа во раните години има трајно, доживотно влијание. Тоа го потврдува и Су Палмер, поранешна раководителка во училиште, експерт за писменост и автор на многу книги.

- Мојата восхит кон Финците е поради нивното образование и довербата што ја имаат во наставниците, но посебно за нивната извонредна предучилишна подготовка - вели таа.

Палмер силно верува дека подоцнежната возраст е клучна за успехот на Финска и би сакала да види повеќе земји што ќе го следат примерот. Во две третини од земјите децата почнуваат на училиште од 6 години, 12 отсто на 4-5 години, а повеќе од петтина, односно 22 отсто на 7 години.

- Никој во Финска не очекува децата да читаат и да пишуваат формално до нивната седма година, што значи тие добиваат игра речиси четири години и педагогија уште од раните години. Постојат деца што едноставно не се подготвени, па ако ги присилите, можете да создадете многу проблеми - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот