Властите во Финска спроведуваат национална кампања која ги советува Финците да ги намалат своите термостати оваа зима, да се тушираат пократко и да поминуваат помалку време во нивните сакани сауни, со оглед на тоа што Европа се соочува со енергетска криза по војната во Украина.
Националната кампања за заштеда на енергија беше објавена оваа недела, откако Русија го намали снабдувањето со гас за Финска и другите европски земји во изминативе месеци, што предизвика зголемување на цените.
Наречена „Степен понизок“, кампањата ќе биде лансирана на 10 октомври, а покрај намалувањето на греењето и пократкото туширање, Финците се советуваат и да го намалат времето поминато во сауна.
Со околу 3 милиони сауни за 5,5 милиони луѓе, сауните се традиционална финска институција.
Со зголемување на цените на енергијата, кампањата ќе ги повика Финците да трошат помалку време на електронските уреди за забава, да го исклучат греењето во гаражите и да заштедат бензин возејќи побавно.
Фото: Freepik
- Ова се само некои од опциите. Се надеваме дека луѓето доброволно ќе ги следат препораките и ќе разберат дека ни се приближува тешка зима. Можеби луѓето не треба да ја вклучуваат сауната секој ден, туку ќе го прават тоа еднаш неделно - вели Кати Лаксо, портпаролка на компанијата „Мотива“ која промовира одржливост.
Првпат од 70-тите години
Ова е првпат во Финска да се воведе кампања за заштеда на енергијата по нафтената криза во 70-тите години.
Во мај рускиот енергетски гигант „Газпром“ го запре снабдувањето за соседна Финска откако Хелсинки одби да ја плати сметката во рубљи - барање на Москва во обид да ги избегне финансиските санкции и да ги принуди европските енергетски клиенти да ја поддржат нејзината централна банка.
Во 2021 година „Газпром“ испорачуваше околу две третини од гасот што беше потребен за земјата, но само 8 отсто од вкупната потрошувачка на енергија.
Финската државна енергетска компанија „Гасум“ рече дека ќе користи други извори, како гасоводот „Балтиконектор“ кој ја поврзува Финска со друга земја-членка на ЕУ, Естонија.
Извор:
Newsinfo.inquirer.net
Фото: Freepik