X
 11.04.2019 Живот

Орли ги бомбардираат жителите на Сиетл со ѓубре од блиска депонија

Во последно време многу луѓе се фокусирани на тоа како да ја исчистат планетата пред да биде предоцна, но белоглавите орли од Сиетл, САД, прават нешто обратно - го носат ѓубрето во дворовите на луѓето во округот Кинг. Во овој округ има депонија која е полна речиси две децении и сега од неа јадат и ја разнесуваат храната низ областа околу 200 белоглави орли што живеат таму.

Овој вид орли некогаш беа загрозени, но имаше голем камбек, кој за жителите на Сиетл не помина без инциденти.

2.500 тони отпад се таложат секој ден во депонијата во близина на Рентон, иако со децении таа е речиси полна. Новиот детален план за менаџирање со цврст отпад на округот ги разгледува можностите за тоа како да се одложи проценетиот датум на затворање до 2040 година, заедно со план вреден 270 милиони долари за проширување на депонијата. Но, има и друга грижа - треба да се направи план за менаџирање на птиците.

Фото: Bored Panda

На еден состанок Дејвид Вогел истакнал дека сите што живеат на место кое е блиску по воздушна линија до депонијата знаат дека орлите го носат отпадoт насекаде.

- Бројот на орли во последните пет години експлодира. А зошто? Затоа што имаат храна во депонијата - рече тој.

Фото: Bored Panda

Белоглавите орли што се движат околу депонијата се мешавина од млади и стари птици. Според студија за користењето на депониите од страна на белоглавите орли, незрелите птици учат вештини за пребарување, вклучително и лоцирање извори на храна и крадење храна, така што ги гледаат или ги следат постарите птици. Исто така, белоглавите орли повеќе се собираат на депониите во текот на зимските месеци, кога нема толку многу храна.

Фото: Bored Panda

И претходно се дискутираа решенија, но Советот на округот Кинг нарача студија во април за да види што може да се направи за да се среди нередот што го прават орлите. Од Советот истакнаа дека се обидуваат да го намалат воздушното бомбардирање.

Заштитата на депонијата значи и заштита на орлите. Депониите претставуваат ризик за здравјето на овие птици, кои умираат по консумирањето заразен отпад. Тука е вклучено и секундарното труење од лешовите на кучињата и мачките што биле евтанизирани.

Фото: Bored Panda

Белоглавите орли не се единствената причина поради која жителите сакаат да се затвори депонијата. Тука се и емисиите на гасови од разложувањето на отпадот, потенцијално отровните течности што се слеваат, како и миризбата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот