X
 11.04.2024 Наука

Како влијае времето поминато со кучиња врз нашиот мозок

Многумина од нас имаат кучиња и ги сметаат за членови на семејството. Всушност, чувањето домашни миленици се зголеми во текот на пандемијата и не покажува знаци на забавување. За кучињата често се вели дека го поттикнуваат расположението - тие се верни придружници кои покажуваат безусловна љубов, лојални се и приврзани и даваат можности за активност и игра. Медицинското поле, исто така, покажало интерес за оваа тема и се чини дека ја прифаќа идејата дека времето поминато со куче може потенцијално да го намали стресот и да го зголеми расположението на луѓето. Без сомнение, ова е причината зошто кучињата се ангажирани и како терапевти во средини под висок стрес, како што се училиштата, поправните установи и здравствените установи.

Досега, голем дел од истражувањата што се обидуваа да го истражат ефектот на присуството на животните врз луѓето се фокусираа на општите карактеристики. Со други зборови, ефектите што биле разгледани ги претставувале севкупните придобивки за расположението или емоциите што произлегуваат од поминувањето време со домашно милениче или конкретно куче, без разлика што точно правеле луѓето во тој период со миленичето. 

Во неодамнешна студија спроведена од Ју, Ву, Хан и Парк биле категоризирани осум различни активности, а 30 учесници со просечна возраст од околу 28 години ги изведувале тие активности со добро обучено куче. Осумте активности биле: средба со кучето, играње со кучето, хранење на кучето, масажа на кучето, груминг на кучето, фотографирање, гушкање и шетање на кучето. Учесниците биле скенирани преку ЕЕГ додека биле вклучени во овие интеракции со кучето три последователни минути, а потоа од нив било побарано да го оценат нивното расположение.

Откриено е дека додека учесниците си играле со кучето и го шетале, алфа-бенд осцилациите во мозокот се зголемиле, што укажува на опуштена и будна состојба кај учесниците. Кога учесниците го масирале, негувале или си играле со кучето, јачината на бета-бенд осцилацијата се зголемувала, што повеќе укажувало на зголемена концентрација, иако се работело за активност без стрес. Ова сугерира дека при играње со кучето се зголемиле и опуштеноста и концентрацијата. Процената на расположението покажала дека учесниците забележале значително пониски нивоа на замор, депресија и стрес, по сите активности со кучето.

Не само што популарната култура го смета времето поминато со кучињата значајно во борбата против зголемениот стрес, анксиозноста и депресијата, туку тоа е став и на медицината, психијатриските и геронтолошките полиња, кои ја сфаќаат сериозно улогата на кучињата во благосостојбата. Па важно е да се знае повеќе за тоа какви емоционални и когнитивни ефекти можат да имаат кучињата врз луѓето и зошто. Ова истражување помага да се започне разговорот за тоа кои видови активности би можеле да бидат повеќе во корелација со одредени типови мозочни ефекти и потенцијално може да помогне во интервенирањето кај луѓето кои страдаат од различни видови психолошки проблеми.

Важно е да се забележи дека оваа студија е релативно мала. Исто така, луѓето кои волонтираат во вакви студии кои вклучуваат поминување време со кучиња може да претставуваат таканаречен „искривен примерок“, бидејќи тие може да сакаат да бидат со кучиња почесто или да имаат поголем ентузијазам за дружење со кучиња, за разлика од просечниот човек. Па така, може да бидат склони кон добивање повеќе корист и придобивки од времето поминато со кучињата.

Можеби понатамошните истражувања ќе разјаснат дали овие ефекти сè уште се валидни и кај поопшта и разновидна популација, вклучувајќи и луѓе со различни нивоа на искуство со животни и различни нивоа на афинитети кон кучињата.

Извор: Psychology Today

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука