Некои од фановите на култната серија „Ѕвездени патеки“ реагираа поради генералниот впечаток дека прикажувањето на вонземските раси е премногу антропоцентрично.
Во последно време, како што станува сè поголема и сè посериозна потрагата по вонземски цивилизации, и научниците почнаа да размислуваат надвор од зацртаните рамки, кои наметнуваат ограничено искуство за животните форми и услови во споредба со оние што ги имаме на нашата планета.
Меѓутоа, едно ново научно истражување спроведено од биолозите од Оксфорд упатува дека интелигентните вонземјани најверојатно би требало да се многу слични на луѓето.
Со истражување на вонземскиот живот и неговите можни форми се занимаваат научници кои се нарекуваат астробиолози. Ако сакаме да пронајдеме вонземски суштества и евентуално да стапиме во контакт со нив, добро е да се знае што бараме и што би очекувале од нив. Во нашата галаксија животот не би требало да биде ограничен само на нашата планета. Се проценува дека во Млечниот Пат има најмалку 100 милијарди планети, од кои околу 20% би можеле да кружат околу своите ѕвезди кои орбитираат во зоната на Златокосата, каде што не е ниту премногу ладно ниту прежешко за постоење вода во течна состојба, а со тоа и форма на живот каков што го познаваме. Кога би се развил живот на мал дел од таквите планети, на помалку од 1%, сè уште во нашето релативно блиско соседство би имало десетици илјадници светови.
Во новата студија објавена во списанието „
International Journal of Astrobiology“ тимот на биолози од Оксфорд настојувал максимално да ги избегне ограничувањата во размислувањето во врежаните рамки водејќи се од Дарвиновата теорија за еволуцијата како главно начело, без презумпција на земски детали. Теоријата за природната селекција, која би морала да биде универзалниот клуч за развој на живот насекаде во вселената, овозможува да се носат предвидувања кои нема да зависат од тоа дали животот некаде се темели на присуство на силициум, а не на јаглерод како на Земјата, дали некаде животот ќе биде кодиран од XNA (ксено-нуклеарна киселина) наместо од ДНК и дали тие живи битија ќе вдишуваат нешто друго наместо кислород. Дарвин ја формулирал својата теорија многу пред науката да открие што е ДНК, како настануваат мутациите или како се наследуваат и појавуваат усвоените својства.
Природната селекција е многу едноставна – потребни ѝ се неколку механизми за да може да функционира: 1) варијација; 2) наследување на својствата и 3) разлика во успешноста на различните варијации.
„Темелна задача на астробиолозите што го истражуваат животот во вселената е да размислуваат за тоа како би можел да изгледа вонземскиот живот. Но создавањето предвидувања за изгледот на вонземјаните е тешко. Ние имаме само еден пример за живот – животот на Земјата – од кој можеме да влечеме заклучоци“, истакна Сем Левин, истражувач на отсекот за зоологија на Оксфорд.
„Поранешните пристапи на подрачјето на астробиологијата главно беа механистички – создаваа предвидувања за вонземјаните врз база на она што го гледаме на Земјата, како и од нашите сознанија за хемијата, геологијата и физиката. Во нашиот труд ние понудивме алтернативен пристап, а тоа е дека при давањето предвидувања ќе се користи еволуциската теорија независно од земските детали. Тоа е корисен пристап затоа што теоретските предвидувања ќе важат за вонземјани кои би можеле да се базираат на силициум, кои не би имале ДНК или би можеле да дишат азот“, објаснува Левин.
Во новото истражување научниците се обиделе да заклучат дека комплексноста би еволуирала во рамките на природната селекција. Сложеноста или комплексноста на видовите на Земјата е резултат на неколку настани што се познати како големите транзиции. Овие транзиции се случуваат кога групи организми еволуираат во организми од повисок степен, на пример, кога едноклеточните организми стануваат повеќеклеточни. И теоријата и емпириските податоци укажуваат дека за така големи транзиции се неопходни екстремни услови.
Во својот труд авторите на студијата нудат специфични предвидувања за биолошката градба на сложените вонземјани и упатуваат на нивниот можен изглед.
„Ние сè уште не можеме да кажеме дали вонземјаните ќе се движат на две нозе и дали ќе имаат големи зелени очи. Меѓутоа, веруваме дека еволуциската теорија ни дава дополнително орудие со чија помош можеме да сфатиме како би изгледале вонземјаните, а претставивме и некои примери за моќни предвидувања кои можеме да ги создаваме според нив“, истакна Левин.
„Со предвидувања дека вонземјаните поминале низ големи транзиции како оние со кои била создадена сложеноста на организмите на Земјата, можеме да кажеме дека постои степен на предвидливост во еволуцијата кој ќе биде примерок дека изгледаат како нас... На секое ниво на организмите ќе постојат механизми кои ќе ги елиминираат конфликтите, ќе поддржуваат соработка и ќе овозможуваат функционирање на организмот. Дури можеме и да понудиме некои примери како ќе изгледаат тие механизми“, додаде британскиот биолог.