X
 17.10.2018 Живот

Никој не може да ни го врати времето - на што го трошите?

Од сѐ што трошиме, само времето никој не може да ни го врати. Еве неколку совети за тоа како подобро да го искористите.

Времето е скапоцено, но е и конечен животен ресурс. Секој од нас на располагање има исти 24 часа, а она што ги дели продуктивните од непродуктивните, успешните од неуспешните, задоволните од незадоволните, често е начинот на кој го поминуваат времето - дали го трошат на активности што резултираат со извршување цели или го трошат на непродуктивни работи. Многу често повеќето од нас заглавуваат на неколку замки. Еве како да ги избегнете.

време

Следете колку време поминувате на интернет


Добар дел од времето поминато на интернет е поврзано со работата или потрошено на работи што ни го прават животот полесен и поудобен, нешто што на овој или на оној начин ни го пополнува секојдневието, но факт е дека сите трошиме часови сурфајќи. Без оглед на тоа, не би било лошо да имаме контрола над нашето интернет-однесување. Првиот чекор кон тоа е да имаме увид во тоа како го трошиме времето. Ако сакате да го намалите времето поминато на интернет, обидете се да запишете секојпат кога ќе сфатите дека механички го земате мобилниот телефон и отворате некоја социјална мрежа. Не би било лошо да го испланирате времето за седење на интернет за да го запрете импулсивното скролање. Ако не помогне тоа, постојат многу апликации што би можеле да ви помогнат да го контролирате времето.

Престанете да одолжувате

За многумина е позната ситуацијата: имате некаква обврска, го расчистивте распоредот, седнавте пред компјутер или сте ја рашириле подлогата за вежбање. Само да одите до бањата и подготвени сте. На враќање гледате дека сите јакни ви се извадени, па одите да ги приберете. Потоа одите во кујната да се напиете чаша вода, па по пат зачистувате. Веројатно знаете дека сте жртва на прокрастинацијата. Свесни сме дека тоа не е ни малку лесно, но постојат методи што ќе ви помогнат да прекинете со оваа навика. Како прво, распоредот би можел да биде многу корисна алатка. Едноставно, секое утре размислете и запишете што тој ден сакате да постигнете, како би изгледало во совршени околности.

Искористете го патувањето до работа


Повеќето од нас се свесни за утрата и сообраќајот; чекањето во колони пред семафорите, метежот во јавниот превоз... Патувањето до работа е нужно зло, нешто што едноставно мора, време кое сме присилени да го потрошиме. За многумина од нас ова е залудно потрошено и неискористено време, но не мора да биде така. Во зависност од тоа како патувате на работа, постојат многу начини на кои оваа сива точка на времето може да се претвори во нешто корисно. На пример, ако патувате со автобус или автомобил, можете за промена да започнете да возите велосипед, со што ќе си помогнете и себеси и на средината. Автобусот може да биде место за утринска медитација или вежби за дишење и ментална подготовка за денот. Ова време може да се искористи и за кратка организација, проверка на е-пораки, пишување распореди и останати обврски што може да ви помогнат да го организирате и подготвено да влезете во работниот ден.

Одлуки, одлуки, одлуки


Утро е и по распоред веќе треба да сте на пат кон работа, но не сте. Стоите пред плакарот и беспомошно избирате облека. Одлуката за тоа што да облечете е меѓу 35.000 одлуки што просечната личност треба да ги донесе. Повеќето од овие одлуки нема да влијаат врз исходот од вашиот живот, но сите тие ситни одлуки што ги носиме во текот на денот едноставно нѐ заморуваат, па подоцна во текот на денот правиме лоши избори. Секако, никој не вели да бидете како Стив Џобс, кој секој ден носел иста облека, но можеби не би било лошо кога ја планирате неделата, да ја подготвите облеката за повеќе дена одеднаш.

Жалењето и приговорот не се продуктивни

Можеби така ви се чини, но жалењето е најлошиот „голтач“ на времето во нашето секојдневие, не толку поради тоа што се жалиме, туку затоа што е непродуктивно: не донесува ништо во нашите животи освен што создаваме мрежа на негативна енергија. Затоа и секоја секунда потрошена на приговори поради метежот, невнимателните колеги, безобразните минувачи или лошото време е залудно и неповратно изгубена. Најлошо е што жалењето и приговорот лесно преминуваат во навика, нешто за што несвесно започнуваме да разговараме со колегите од работа и со пријателите. Би било добро да се изолираме од оние што нѐ поттикнуваат на жалење. Освен тоа, жалењето е навика, а кога од некои навики сакаме да се ослободиме, пожелно е да се развијат нови шеми на однесување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот