Замрзнувањето на цените на храната е краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок. Со неа само привремено, вештачки одржувате некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата, порачаа денеска експертите од Светска банка.
Според нив, наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома отколку што се увезува.
- И покрај тоа, замрзнувањето на цените помогна да се одржи животниот стандард на населението во Северна Македонија, особено при поинтензивните поскапувања, но тоа не е мерка која може да се користи на долг рок. Во тој случај би требало да преминете на некои структурни мерки кои би можеле да го подобрат стандардот. Една од тие е обезбедување поквалитетни и повисоко платени работни места - рече економистот Јоана Маџоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на редовниот Економски извештај за Западен Балкан.
Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, истакна дека сите земји во регионот, но и државите на европско ниво, воведуваа одредени ценовни контроли во 2022 и на почетокот на 2023 година даваа субвенции за електрична енергија и тоа кракторочно помогна.
- Но, тоа чини пари, особено кога обезбедувате универзални субвенции. Вашата земја намени многу средства за да ја задржи цената на електричната енергија на најниско ниво во регионот и ова има влијание врз буџетот. Гледаме дека дефицитот е многу поголем од други земји во Западен Балкан. Има трошок што треба да се плати за спроведување на овие мерки, но дали се тие одржливи на долг период? Најверојатно не, бидејќи чинат пари, а не го менуваат однесувањето, ниту структурата на економијата. Затоа, треба да се поддржи преминувањето кон обновливи извори на енергија, помалку потпирање на увозот и на поскапите извори на енергија. Имаше доста остро придвижување минатата година, можете да го видите однесувањето на фирмите, тие кои немаа придобивки од цените на електричната енергија, почнаа да инвестираат во соларни панели. Можеби сега е времето, кога се намалени цените на нафтата и храната, да бараме поструктурни мерки за да се подобри продуктивноста на земјоделството каде што имаме компаративна предност во смисла на достапност на земјиште, доста луѓе кои се вклучени во земјоделството и на тоа како да се забрза енергетската транзиција во насока на обновливите извори, но и како да се зајакне конкуренцијата меѓу трговците, бидејќи овие ценовни трошоци доаѓаат и од зголемувањето на профитните маржи над она што би можело да се оправда - подвлече Маџаревиќ-Шујстер.
Сега кога е во тек растот на деловниот циклус, треба да се направат соодветните реформи.
- Во тек е растот на деловниот циклус. Тука се прават соодветните реформи и се оддалечуваме од краткорочните мерки кои чинат пари, а не придонесуваат за промена во однесувањето, односно на структурата на економијата - потенцира Маџаревиќ-Шујстер.
Во однос на електричната енергија, таа укажа дека цените во европските земји се зголемени, но поради тоа е сменето и однесувањето на потрошувачите. Тие водат сметка како и колку трошат струја. Таква промена, напомена, кај луѓето во Македонија нема.
- Во европските земји има многу големи покачувања. Земјата каде што јас живеам имаше зголемување од над 25 отсто само лани, мојата лична сметка за струја сега е 50 отсто поголема од онаа во 2021 година. Ние многу внимаваме како ја користиме струјата, но таква промена во однесувањето не сум видела тука. Имавме многу големо намалување на искористеноста на електричната енергија во Европа, кога било ладно не се користела енергија за греење, луѓето живееле на пониски температури, но ваква промена на однесување не сме виделе тука. Затоа не се гледаат толку многу влијанијата на глобалното намалување на цените. Ова најмногу ќе се забележи во економиите во земјите во Западна Европа кои виделе навистина големо зголемување на цените на електричната енергија во овој период. Но, она што се случува тука, е дека многу се потпираме на земјоделството како извор на раст и вработување, сепак сте доста голем увозник, посебно на зеленчук, а претходно сте биле извозници. Ако се навратиме на структурните причини, треба да се прашаме зошто се потпираме на увоз на храна кога имаме компаративна предност храната да се произведува тука. Значи, треба да се види што може да се направи за земјоделството да биде поголем придонесувач, попродуктивен извезувач и да се намалат на тој начин цените, наместо храната да се увезува - рече Маџаревиќ-Шујстер.
Таа се осврна и на конкуренцијата во малопродажниот сектор.
- Тука имаме простор за подобрување и како резултат на тоа да се намалат цените - нагласи Маџаревиќ-Шујстер.
Извор: МИА