X
 02.04.2019 Образование

Британски наставници ќе земаат помала плата за да ги спасат колегите од отказ

Наставниците од едно британско училиште доброволно се пријавиле за намалување на платите за 7.000 фунти за да ги спасат работните места на нивните колеги.

Училиштата низ целата земја немаат средства, така што директорите се принудени да направат драстични намалувања. Така, основното училиште „Фурзедаун“ во округот Вандсворт, во јужниот дел на Лондон, покрена серија мерки поради кои веројатно ќе има голем број отпуштања.

Но, пет наставници одлучија да преземат акција и да ги спасат нивните колеги така што се согласија да им биде намалена платата за 7.000 фунти - доволно за да ги заштитат работните места на двајца асистенти во училиштето. Директорката на училиштето, Моника Кичлев-Вилсон, рече дека сега овие наставници ќе примаат 80 отсто од нивната претходна плата.

nastavnik
Фото: Alamy


- Без овие доброволни намалувања на платите не можеме да управуваме со услугите што ги обезбедуваме за децата и со тоа би имале посиромашна, помалку балансирана наставна програма - изјави таа.

- Нашите деца заслужуваат подобро и сите ние се стремиме да направиме сè што е во наша моќ за да го задржиме учењето. Ова не е несериозен луксуз, туку е одлично образование што го заслужуваат нашите деца. Наставниот кадар е посветен да го одржи овој идеал жив, а некои се направени и да направат жртва за намалување на нивните плати - додаде таа.

Директорите се наоѓаат во средината на акутна финансиска криза поради зголемените трошоци и намалувањето на средствата за учениците во некои области. Финансирањето по ученик е намалено за 8 отсто. Директорите апелираа до родителите да плаќаат за основни предмети, како што се пенкала и лепила. Некои училишта затвораат во попладневните часови или во петок за да заштедат пари.

Многу училишта мора да го намалат бројот на вработени, што значи поголеми училници, помалку индивидуални групи и помали групи за ученици со посебни потреби, како и намалување на наставниот план.

Во Западен Јоркшир директорот си даде отказ за да заштеди пари: Реј Хеншо, директор на колеџот „Минстроп“ во Вејкфилд ќе замине во пензија наредниот месец.

- Ова е несебичен чин од негова страна, предизвикан од финансиските намалувања што колеџот мораше да ги преземе оваа година. Тој увиде дека е потребно преструктурирање на постарите лидери, така што неговата позиција беше првата што беше скратена - изјави претседателот на гувернерите на колеџот, Беверли Семпер.

Другите училишта се обратија до социјалните мрежи за да се обидат да набават опрема. Основното училиште „Леинсмед“ во Свиндон изгуби 80.000 фунти како резултат на намалување на владиниот буџет и мораше да скрати многу работи. Сега, училиштето постави страница на „Џст Гивинг“ за да се обиде да собере средства за ИТ-опрема. Досега се донирани 710 фунти.

Најголемата унија на наставници, Националната образовна унија, ја опиша ситуацијата како национална вонредна состојба.

Според анализата на Асоцијацијата на лидери на училиштата и колеџите, финансирањето на училиштата треба да се зголеми за 5,7 милијарди фунти за да се постигнат основните очекувања од наставниот план, кој ќе се учи во безбедна и добро одржувана зграда, а ќе се предава од страна на добро квалификуван наставник кој ќе има поддршка кога станува збор за ученици со посебни потреби.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование