X
 11.05.2018 Култура

Кога бев студент со Дуке Бојаџиев: Требаше да завршам медицина за да се пронајдам како музичар

Во мојава професија никој никогаш не ме прашал што сум студирал, ниту пак какви оценки сум имал, туку кои се резултатите од мојата работа. Книгите ти даваат само информации, додека тие не ги примениш во лични искуства, не можеш да го совладаш материјалот – вели композиторот , и се наврати на студентските денови во рубриката на Факултети.мк и „Пивара Скопје“


Дуке на 3 години

Со музика почнав да се занимавам од најраните години, на 3 веќе свирев клавир, а на 10 години почнав да ги пишувам првите композиции. Доаѓам од докторска, но и музичка фамилија, растев изложен на влијанија од двете сфери. Музиката ја сфаќав како игра и нешто што извира од мене природно и затоа никогаш не помислив да се школувам. Целото школство ми беше во полето на науките. Средно завршив биохемија во „Никола Карев“, а дипломирав на Медицинскиот факултет. Дури подоцна сфатив дека ми нема бегање од музиката како професија – вели Дуке Бојаџиев.
Вечерва и утревечер (11 и 12 мај) тој повторно ќе ѝ се врати на нашата публика со два концерта во соработка со Македонската филхармонија. Кларинетистот Исмаил Лумановски, пејачката Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ, Костас Анастасиадис на тапани и Мартин Ѓаконовски на контрабас се дел од тимот со кој Бојаџиев ќе настапи на концертот насловен „Сон, верба, љубов“.       Факултети.мк, пак, го наврати на убавите студентски денови.

Сфатив дека музиката ја сакам повеќе од медицината

Бојаџиев дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1998 година. Се потсетува дека во првите четири години бил речиси фанатично посветен на медицината, но потоа сфатил дека музиката ја сака многу повеќе.
- По првите четири години следуваше транзиција во која почнав да навлегувам сѐ подлабоко во водите на оркестрацијата и продукцијата и сѐ повеќе ми стануваше јасно дека патот на музиката по кој тргнав од љубопитство и пасија е еднонасочен, нема назад. Една година по дипломирањето на Медицински заминав за „Беркли“. Во таа година се занимавав само со музика – вели Бојаџиев.


Дуке во студентските денови со татко му Тодор Бојаџиев

На прашањето како реагирал неговиот татко, познатиот гинеколог и композитор Тодор Бојаџиев кога одлучил да замине во Америка и да ѝ се посвети на музиката, Дуке вели:
- На почетокот беше малку исплашен за мојата иднина бидејќи тоа беше скок во голема неизвесност, селење на нов континент со почеток на нова кариера, но беше многу среќен за мојата одлука!
Се наметнува прашањето дали токму тоа што неговиот татко бил почитуван доктор му го олеснило студирањето.
- Напротив. Ми беше тежина фактот што татко ми беше почитуван доктор. Секаде каде што ќе се претставев автоматски бев „синот на...“, што почна да ми пречи во развојот на мојата индивидуалност, желба за независност и самоосознавање – вели композиторот.

Со омилениот професор на „Беркли“, Ричард Буланже

На почетокот на студирањето оценките му биле важни.
- Во првите години на медицинските студии оценките ми беа важни, но при крајот, кога почна сѐ повеќе да ми се зголемува интересот кон музиката, ми стануваа сѐ помалку битни. На музичките студии во Бостон оценките не ми беа никаков проблем бидејќи веќе имав големо предзнаење, па најмногу се фокусирав на тоа да стекнам што поголемо искуство. Во мојата професија никој никогаш не ме прашал што сум студирал, ниту пак какви оценки сум имал, туку колкаво е моето искуство, кои се резултатите од мојата работа. Книгите ти даваат само информација, додека не ги примениш информациите во лични искуства, не можеш да го совладаш материјалот. Познавањето теорија помага, но практиката е пресудна – категоричен е Бојаџиев.


Прекрасни студентски години
 
Вели дека имал студентски живот како од соништата.
- Поминав прекрасни студентски денови и во Скопје и во Бостон, тие искуства имаат безвремена вредност. Имав прекрасна екипа пријатели кои бевме во иста група за поголемиот дел од медицинските студии. Од дневен живот како студенти до ноќен живот по клубови, поминавме магични моменти кои се паметат цел живот. Во Бостон на музичките студии сретнав нова група пријатели од целиот свет, со кои поминав незаборавни години на дружење и соживот. Го почувствував светот како една фамилија бидејќи одеднаш имав пријатели од сите континенти, раси и религии, дојдени со чисто срце и искрени амбиции да ја споделат својата креативност со светот – вели тој и додава дека при крајот на студиите, всушност, се носат најважните животни одлуки.

На вежби, заедно со омилената колешка Јулија Бојкова (1997 год.)

- Решаваме со што ќе се занимаваме до крајот на животот, а тие одлуки се пресудни за нашата иднина. Тоа има своја убавина, но и тежина, да се направи изборот кој ги задоволува и срцето и мозокот. Требаше да завршам медицина за да се пронајдам како музичар – додава Бојаџиев.
Како најинспиративен професор Бојаџиев го посочи д-р Ричард Буланже, кој особено му помогнал и го насочил.
- Тој ги почувствува мојата пасија, талент и амбиции и ми даде голема поддршка во процесот на мојата транзиција од студент на Медицина во професионален музичар. Главните лекции беа дека ништо не е невозможно ако доволно му се посветиш и ако се фокусираш! – потенцира музичарот.

Завршна дипломска свеченост на „Беркли“ (2001 год.)

Работел во текот на студиите

Уште додека студирал медицина, работел на разни музичко-сценски проекти, свирел во театарски претстави, во барови, џез-клубови, учествувал на фестивали. Вели дека особено е важно секој да ги создава и негува своите работни навики, па дури и кога тоа не е од областа на студиите „зашто тоа подоцна влијае и врз навиките во професионалниот живот“.

Настап во кафулето „Аквадро“ во 1996 год.

- Во Бостон работев континуирано и паралелно со школувањето, имав концертни настапи, давав часови по музика и компонирање, работа на компјутерски програми за музика. Во „Беркли“ работев во Компјутерскиот центар цело време додека траеја студиите. На почетоците на мојата кариера во Бостон и во Њуjорк доброто познавање на компјутерите најмногу ми помогна да се снајдам со работа. Човек што разбира компјутери и компјутерски апликации секаде беше пожелен. Првата година во Њуjорк работев во музичка куќа во која ме примија како аудиоинжeнер и човек за сите компјутерски проблеми. По три месеци работа успеав да ја пласирам мојата музика на првите големи проекти и да бидам сериозно сфатен како композитор и продуцент – споделува Бојаџиев.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура