X
 09.03.2017 Образование

Кога бев студент со Жарко Димитриоски: Постарите актери ме пишманија за ФДУ, па влетав во новинарските води

Јавноста го препознава Жарко Димитриоски како популарниот водител на шоуто „Еден на еден“, но голем дел не знаат дека тој е креативен директор на истоимената маркетинг агенција која што комплетно го подготвува ова ток- шоу. Мултиталентиран, амбициозен, упорен, Жарко со својот проект кој во моментов се емитува на телевизијата „Телма“ внесува свежина во македонскиот етер кој е пренатрупан со турски серии, политички емисии и увозни музички емисии со дискутабилен квалитет. Речиси и да нема популарно лице од земјава и од регионот кое не гостува „Еден на еден“, па така во студиото на Жаре седеле многубројни музичари, водители, актери, манекенки, новинари... Долга е листата за да се набројат сите.

Телевизиската кариера на Жаре почнала уште во основно школо, кога како член на детското драмско студио во МТВ добил неколку улоги во емисии за деца. Сепак, јавноста сѐ уште најмногу го памти како Диме Такси, ликот што го глумеше во серијата „Големи и мали“. И тука се заразил со актерството, љубов поради која и размислувал да се запише на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје. Но, наместо за актерство, се одлучил за студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје.




- Навистина сакав да се запишам на ФДУ. Ама во тоа време веќе работев година-две во Спорт 4 телевизија, работа поради која кога бев втора смена во школо излегував од петти или шести час и одев да коментирам француско првенство, куп на УЕФА, НБА и такви работи. А и постарите актери со кои контактирав од претходно некако ме пишманија од идејата, па не ми остана некој голем избор. Новинарство беше единственото нешто на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” кое имаше некаква допирна точка со медиуми. Беше или тоа или маркетинг, ама второво почека и си го завршив на магистерски – ја почнува Жаре својата студентска приказна.

Освен за ФДУ и за новинарство, никогаш не ни размислил да се запише на некој друг факултет. Одредено влијание врз одлуката да ги избере студиите по новинарсто имал и фактот што мајка му не била баш воодушевена ид идејата нејзиниот син да студира на ФДУ.

- Од оваа дистанца, супер избор направив. Добар Жаре, добар – со насмевка вели тој.

За време на студиите многу се дружел со колегите од генерацијата, особено со една група од дваесетина идни новинари кои нон-стоп биле заедно.




- Одевме многу во кафана, за тоа бевме организациски махери. Студентските денови навистина ни беа забавни. Ќе дојдеме наутро на факултет, ќе поседиме на две предавања, ќе ги оставиме картичките кај некого и одевме по јадење и на кафиња, па завршувавме со ручек. Многу често се собиравме и по дома кај колеги, понекогаш и готвевме иако од храна знаевме да приготвиме само шпагети. Многу луѓе од тоа друштво имаа куќни слави, па редовно и тоа имавме на годишниот репертоар. После слава, се знае, продолжувавме некаде. Со многу голем дел од нив се уште се дружиме. Со еден од нив, Владо, се гледаме буквално секој ден бидејќи работиме заедно. Тој ми е најблискиот соработник во маркетинг агенцијата – вели Жаре.




Признава дека не бил студент посветен единствено на студиите. Како што вели, колешките ќе го караат ако каже дека сите задачи ги исполнувал навреме иако секогаш учествувал во креативниот дел од групните задачи. На усните испити се снаоѓал лесно бидејќи неговата група на факултет имала многу добар однос со професорите, кои знаеле да им попуштат малку кога ќе видат дека ги разбираат работите. За добриот однос со наставниот кадар големо влијание имало и тоа што со голем дел од демонстраторите биле генерациски блиски, па на испит знаеле и да „замижат“ кога некој ѕиркал одговори од колегата на кој му се паднала истата група прашања.

- Оценките никогаш не ми беа пресудни. Се разбира, секогаш е подобро да падне осумка наместо седумка, ама не се заморував со тоа. Сите предмети поврзани со медиуми ги учев со мерак, но многу лесно ми одеа и економските предмети. Вовед во право едвај го положив, професорот не ми даваше еден поен за да положам. Имав 60 поени, ми требаше само уште еден, но не сакаше да ми попушти. Кратко време после тоа замина во пензија, па испитот го положив веднаш. Некогаш и коцките треба да се поклопат – вели Жаре.




За време на студиите работел и во студентското радио каде што имал своја емисија. Уживал во таа работа бидејќи по свој мерак си правел список на песни што ќе ги пушти во емисијата. Сепак, не можел многу да им се посвети на вонстудентските активности поради огромните обврки што ги имал со емисијата „Ексклузив“ на А1 телевизија, која ја водеше токму во тој период.
Жаре ги заработил првите хонорари уште на шестгодишна возраст, кога од Детското драмско студио редовно добивале 1.200 денари за патни трошоци.

- Првиот поголем хонорар го заработив за реклама која ја работевме за Веро. Имав 9 години и заработив тогашни 250 марки. Цело време додека студирав работев во А1 и имав супер плата, буквално можев да си дозволам сѐ што еден студент посакува. Се работеше многу сериозно, ама и се забавувавме исто така – потенцира Жаре.




Ни ги издвои професорите чии предавања му биле интересни.
- Никола Тупанчевски беше одличен. Со Томе Груевски, Веле Смилевски ептен си го имавме муабетот, вистински господа. Жал ми е што така се погоди, но ниту еднаш не бев на предавање кај Фрчковски и кај Каракамишева. Со многу од асистентите добро живеевме, навистина многу ни помагаа и нѐ насочуваа. Имавме сериозно добра соработка и заемно почитување, што беше одлично искуство. Морам да ги споменам и Зоки со тетките од студентски. Тие беа вистинските МВП на факултетот – вели тој.

Она што најмногу му останало во сеќавање од студентските денови е апсолвентската екскурзија која ја памети многу добро од проста причина што – не отишол на тоа патување. Во тој период работел во А1 заедно со уште неколкумина од друштвото и не можеле сите да земат толку слободни денови.

Кога прави пресек на студиите, вели дека факултетот го подготвил за сегашните работните предизвици.

- Имаше таму добри ментори и општо луѓе кои не беа себични со своето знаење и од кои можеше навистина многу да “украдеш” ако знаеш како да се поставиш и ако си искрен. Не муабетење од корист, туку еснафско муабетење за нешто да научиш. Најмногу научив од читање стручни книги за време на студирањето и отпосле, а богами и од еден тон прочитани биографии за луѓе од кои сум мислел дека нешто можам да научам – завршува Жаре.


Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование