X
 03.01.2022 Наша тема

Кога бев студент со професорот Дарко Багески од ФМУ: Да паднам на испит беше луксуз и финансиски товар за моите родители

Просекот ми се движеше помеѓу  8 и 9, можеби тука имаше влијание и јазичната бариера бидејќи не можев докрај да се изразам како што знам, но и квалитетот на професорите, строгоста и дисциплината во оценувањето беа на многу повисоко ниво отколку кај нас. Живеевме во студентскиот дом со студенти од над 200 држави. Често правевме балкански журки, каде што се случуваа секакви работи, вели Багески
 
Кога кај нас ќе се спомене класичната гитара, веднаш се помислува на Дарко Багески, нашиот најуспешен солист на овој инструмент, со низа настапи низ светот. Тој е редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а претходно бил професор по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и многу негови ученици-гитаристи се добитници на награди на меѓународни натпревари. Дарко Багески, исто така, е солист на многу камерни оркестри, но и на симфониски, на пример, со оркестарот на Македонската филхармонија. Меѓу многуте награди, ја освои и наградата од Асоцијацијата на музичките и балетските педагози на Македонија за долгогодишна успешна педагошка работа.
 
- Од самиот почеток сакав да прераснам во солист на класична гитара и педагог. И двата правци ги сакам, но морам да признам дека само со многу труд и добра животна организација може заедно да се развиваат во професионални води. Лично сметам дека за да бидете добар педагог, потребно е дел од животот да го поминете на сцена, со што поголем број отсвирена литература - вели Багески.
 

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

 
Љубов на прв звук со гитарата
 
Дедо му Томо, тромбонист во воен оркестар, е единствената музичка жичка во семејството на Багески. Сепак, гитарата била постојано присутна во неговиот дом - ја добил како подарок уште на првиот роденден. Покрај музиката, додека растел приоритет му бил и спортот, па дури имал дилема дали да продолжи во тој правец, но при крајот на основното образование знаел дека музиката ќе му биде идна професија, и покрај одличните спортски предиспозиции.
 
- Во моето семејство дедо ми Томо беше музичар, свирел тромбон во воениот оркестар во Скопје. Родителите не ми се музичари, иако татко ми како хоби свиреше на гитара и самата гитара ми била подарена за мојот прв роденден. Беше присутна во нашиот дом целото мое детство. Нејзиниот лиричен звук ми се допадна од самиот почеток. Често ја гледав, се врткав околу неа, пробував нешто да свирам, сѐ додека моите не ме запишаа во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Јане Пенов. Со него ги започнав првите чекори со класичната гитара.
 

Во трета година во средното училиште се префрлив во „ГШ Павао Марковац“ во Загреб, во класата на професорот Џевдет Сахатџија, каде што и матурирав. Низ севкупното школување бев одличен ученик, се трудев во сите предмети да бидам добар, но секако дел од нив ми беа омилени. Ги сакав стручните предмети, особено историјата на музиката и музичките форми. Од општообразовните предмети омилени ми беа психологијата и историјата на уметност. Инаку, спортот секогаш ми беше приоритет и голем дел од детството го поминав во пливање, одбојка, скијање, пинг-понг, а најмногу во планинарење.

               
Студии на престижната музичка академија „Франц Лист“ во Германија
 
Откако го завршил средното образование во странство, Багески одлучил и студиите да ги продолжи надвор од државата. Цели денови поминувајќи ги со гитарата, за да ги донесе до перфекција изразот и техниката на овој тежок инструмент, Багески интензивно се подготвувал за факултетските денови на музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, со главна цел од самиот старт да стане и успешен солист и педагог.
 
- Имав и многу јавни настапи и концерти каде што се соочував со одговорноста на сцена, ја запознавав тремата и почнував да ја прифаќам како составен дел на солистичката професија. Таа лекција се учи само на бина. Студирав класична гитара, прво педагошка насока, на музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар, Германија, во класата на професорката Кристијане Шпаноф, а дипломирав во класата на професорот Јурген Рост. Предавања за методика и светска музика имав кај познатите Моника Рост и Томас Фелоу. По дипломската во Вајмар, запишав постдипломски студии, солистичка насока – концертен музичар изведувач, на државниот конзерваториум за музика во Солун, Грција, во класата на професорот Герхард Рајхенбах, еден од водечките солисти и германски педагози. По три години во неговата класа, се запишав во класата на светски познатиот Костас Котсиолис, каде што и магистрирав. Заминувањето во странство не го планирав, дојде само по себе. Прво почнав со приватни часови во Нови Сад кај професорот Зоран Краишник, за потоа професорот Џевдет да ме викне да одам да учам во неговата класа во Загреб.

 

Ги преведувал книгите со цел да ги разбере, па така го научил германскиот
 
Иако студирал во Германија, Багески честопати учел од хрватски книги, па ги преведувал на германски и на тој начин го научил јазикот. Со висок просек, кој се движел помеѓу 8 и 9, особено за некој што доаѓа од друга земја, а и за факултет со висок стандард при оценувањето, Дарко вели дека студиите ги користел како база на знаење која ќе можел да ја применува по дипломирањето.
 
- Имав одлични професори по методика за класична гитара. Тие предавања ми беа многу интересни и пресудни во однос на знаењето за педагогијата и психологијата. Ритмиката и музичката медицина многу ме заинтересираа и денес многу ми користат во предавањата. Со хорот имав многу убаво искуство, често имавме концерти на голема сцена со симфониски оркестар. Таму научив што значи да бидеш дел од колектив, да ги слушаш другите и да бидеш дел од големата слика.
 
Просекот ми се движеше помеѓу  8 и 9, можеби тука имаше влијание и јазичната бариера бидејќи не можев докрај да се изразам, но сепак морам да признам дека тоа не ми значеше многу. Иако би истакнал дека тие оценки, квалитетот на професорите, строгоста и дисциплината во оценувањето беа на многу повисоко ниво отколку кај нас. Општообразовните и стручните теоретски испити ги учев на српски, хрватски или на македонски јазик. Ми беше важно да го разберам материјалот бидејќи во првите два семестра беше навистина тешко да се разберат предавањата на висок германски литературен јазик. Инаку, живеевме во студентскиот дом „Меркетал“, со студенти од над 200 држави. Често правевме балкански журки, каде што се случуваа секакви работи. Се сеќавам дека едно утро се разбудив и целиот дом беше во бел прав. Некои од нашите Балканци си поиграле со противпожарните апарати, па попладнето следуваше бришење и џогирање.

 

Не паѓал на испити за да нема финансиски товар врз родителите
 
Без ниту еден паднат испит, а најчесто со највисоки оценки по најтешките предмети, Багески сериозно навлегол во студирањето, завршувајќи го во регуларните четири години. Со оглед на финансиите потребни да се студира во странство, Дарко не сакал да си дозволи тој товар да падне врз неговите родители, при евентуално одолжување на студиите. Тој смета дека квалитетот на студиите порано бил на повисоко ниво отколку сега, кога голем дел од испитите се онлајн и тоа искуство на сцена и притисок при изведбите недостигаат за студентите да бидат подобри.
 
- Вајмар е студентски град. Наутро одевме на предавања, потоа сите во менза на ручек, а потоа на вежбање инструмент во познатиот замок Белведере, кој го користевме само ние, музичарите. Вечерите беа за дружење, концерти и разни студентски случувања. Имавме време за спорт и рекреација, често и свиревме сите заедно и пеевме, а јас неколку години еднаш месечно како диџеј пуштав балканска музика во еден студентски локал, каде што доаѓаа сите странски студенти. Често патувавме во соседните градови, разгледувавме културни споменици и посетувавме музеи бидејќи ни беше бесплатен целиот возен сообраќај, а имавме и привилегии како студенти бесплатно да влегуваме во различни уметнички институции.
 
Студирав точно 4,5 години, или 9 семестри. Осум регуларни и еден дипломски семестар. Не сум паднал на испит бидејќи тоа ќе беше луксуз во однос на тешкиот финансии товар на моите родители, но и си го сфатив студирањето како нешто многу важно. Знаев понекогаш малку да се опуштам, да добијам послаба оценка, меѓутоа, никогаш не си дозволив да ја преминам линијата на доверба и љубов што ми ги укажаа мајка ми и татко ми. Секогаш знаев зошто сум заминал од дома, и тоа не е лесно. Клавирот како предмет не ми беше најомилен, особено кога доаѓаше време да вежбам на него за испит. Веројатно затоа што немав можност дома да го имам, па секогаш требаше да одам некаде да вежбам, а искрено ми пречеа и ноктите на десната рака, кои морав да ги имам за главниот инструмент - гитарата.


Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема