Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 3 до 9 мај 2021, тестирани се вкупно 15.781 материјал во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.304 нови позитивни случаи од 33 града во државата со намалување од 37,2% во споредба со минатата недела, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (37,0%), со неделна инциденца – 78,0/100.000. Највисока неделна инциденца од 169,9/100.000 е регистрирана во Виница.
Процентот на позитивност се движи од 2,5% до 12,2%, просечно 7,5%.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (39,0%). Голем број заболени се регистрирани и кај лицата во возрасните групи 40-49 (17,4%), 50-59 (16,0%), 30-39 (13,5%) и 20-29 (8,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (2,0%) и 10-19 години (4,1%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години (41,1%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.502 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 12,2% во споредба со минатата недела.
Пријавени се 105 смртни случаи од 21 град, 37,1% помалку во споредба со минатата недела. Во однос на возраста, 91 лице биле над 60 години, 6 лица на
возраст од 50 до 59 години, 5 лица на возраст од 40 до 49 години, 2 лица на возраст од 30 до 39 години и едно лице на возраст од 20 до 29 години.