01.03.2022
Живот
Намален бројот на нови заболени и починати од ковид-19
Најголем дел од регистрираните позитивни случаи се од Скопје - 53,3%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и во Гевгелија, соопшти ИЈЗ
Минатата недела беа регистрирани 39,5% помалку позитивни на САРС Ков2 во однос на третата недела од февруари, соопшти Институтот за јавно здравје. Според неделниот извештај на ИЈЗ од 21 до 27 февруари, регистрирани се 3.702 нови позитивни случаи во 34 града во државата.
- Процентот на позитивност се движи од 13,1% до 24,2%, просечно 18,6%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје 53,3%, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци и во Гевгелија - соопшти ИЈЗ.
Според извештајот на ИЈЗ, минатата недела се направени 19.217 тестирања и бројот на тестирани материјали во лабораториите во однос на претходната недела е намален за 17,9%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 г. со 25,7%. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години со 5,2%.
- Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 43,6% во возрасната група од 10 до 19 години и 43,5% кај лицата на возраст од 50-59 години - велат од ИЈЗ.
Со новиот алгоритам за оздравување минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6.094 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Во овој период пријавени се 543 реинфекции, од кои една е втора реинфекција. Бројот на реинфекции во однос на претходната недела е намален за 37,2% .
- Пријавени се 68 смртни случаи во 19 града минатата недела, што е за 45,6% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје, а според возраста, најголем број или 92,6% од починатите се од возрасната група над 60 години - стои во извештајот на ИЈЗ.
Лани на 17 февруари во Македонија почна вакцинација против ковид-19 и заклучно со 28 февруари годинава вакцинирани се вкупно 870.405 лица со една доза.
- Комплетно вакцинирани со две дози се вкупно 849.727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица - соопшти ИЈЗ.