X
 04.05.2021 Здравје

ИЈЗ: Речиси 40 отсто помалку новозаразени во споредба со претходната недела

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 26 април до 2 мај 2021, тестирани се вкупно 14.975 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,6% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.076 нови позитивни случаи од 34 града во државата со намалување од 39,7% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (41,5%), со неделна инциденца – 138,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 211,0/100.000 е регистрирана во Виница, пишува во соопштението од Министерството за здравство.

Процентот на позитивност се движи од 9,6% до 17,7%, просечно 13,1%, со намалување за 4,9% во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (37,6%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 (16,8%), 40-49 (16,0%), 30-39 (15,6%) и 20-29 (8,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (1,6%) и 10-19 години (4,1%).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.012 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 34,5% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 167 смртни случаи од 22 града, 20,9% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 150 лицa биле над 60 години, 15 лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје