26.08.2020
Здравје
Намален бројот на потврдени новозаразени од Ковид-19. Третина од заразените се од Скопје
Бројот на потврдени новозаразени од коронавирус се намалува, информираат од Министерството за здравство. Според податоците на Институтот за јавно здравје за периодот од 17 до 23 август, направени се 11.129 тестирања за вирусот и регистрирани сe вкупно 839 нови позитивни случаи од 29 града во државата, што е намалување од 7%, во споредба со една недела претходно.
Најголем дел од регистрираните случаи, или една третина се од Скопје (281).
Во овој период бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица, во 16 града во земјата.
Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7,5 %, што претставува намалување од 0,3% во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување во однос на претходните недели.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, и во овој период најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 205 (24,4%) позитивни. Голем број заболени е регистриран и кај лицата на возраст од 30-39 (18%), 40-49, и 20-29. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 и 10-19 години.
Од случаите што се епидемиолошки истражени (807), регистрирани се 119 хоспитализирани, а кај 239 лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 307 имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување во последни 14 дена.
Во споменатиот период, по добиени два негативни теста, како оздравени се водат 554 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 513 помалку во однос на претходната недела.
Пријавени се 19 смртни случаи од шест града или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.