X
 04.03.2024 Здравје

30,5 отсто од децата и 28,4 отсто од возрасните жители на Македонија живеат со дебелина

Дебелината кај возрасните и децата во Македонија е стабилно на високо ниво, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Светскиот ден на дебелина - 4 Март.

- Најновата студија објавена во „Лансет“ покажува дека во 2022 година повеќе од една милијарда луѓе во светот живееле со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите - од 5 до 19 години. Во Македонија 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Кај нас, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, споредено со 1990 година - се наведува во извештајот објавен на страницата на ИЈЗ.

Повеќе од 10 години Институтот и центрите за јавно здравје ја спроведуваат Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот COSI, имплементирана во 45 држави од европскиот регион.

- Оваа иницијатива е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата, преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина. Најновите податоци покажуваат дека 30,5 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, 13,8 проценти од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата - пишува во извештајот на ИЈЗ.

Според податоците на Институтот, повеќето од децата што имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини. Исхрана со високо преработена и енергетски богата храна е значаен фактор што придонесува кон развојот на зголемена телесна тежина кај децата.

- Социо-економските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата. Физичката неактивност кај децата поради намалените можности за безбедни животни средини, што промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина. Трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во нашата држава се одржуваат стабилно на високо ниво. Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина што влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување - посочуваат од ИЈЗ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје