Во последните неколку години нашиот главен град Скопје ја доби „титулата“ еден од најзагадените градови во Европа. Со цел да се пронајде решение кое нема да ја загадува околината, а воедно ќе биде и неисцрплив извор, темата на нашиот проект е „Варијанти за директно искористување на геотермалната енергија“, велат студентите
Тројца студенти од Градежниот факултет освоија прва награда во
Турција на Интернационалниот натпревар за инженери - ICAMES, каде што учествувале студенти од цел свет.
Емрах Адемовски, Кристина Јованова, Тамара Неделковска и нивниот ментор - професорот Јосиф Јосифовски добиле многу честитки и аплаузи од учесниците за презентацијата на проектот „Зелени технологии, директна употреба на геотермалната енергија“.
Тие ја освоиле престижната награда Greenness Award, кaкo тематска награда на конференцијата. Велат дека подетално се задржале на употребата на геотермални пумпи и колови, како соодветно решение кое нема да ја загадува околината и воедно ќе биде неисцрплив извор.
- Во последните неколку години нашиот главен град Скопје ја доби „титулата“ еден од најзагадените градови во Европа. Со цел да се пронајде решение кое нема да ја загадува околината, а воедно ќе биде и неисцрплив извор, темата на нашиот проект е „Варијанти за директно искористување на геотермалната енергија“. Покрај геотермалната енергија која, за жал, е многу малку искористена, разработивме и две теми од кои едната е употреба на геотермални пумпи, а другата искористување на геотермалната енергија при примена на енергетски колови за фундирање – раскажува студентот Адемовски.
Студентите со менторот Јосифовски
Наградата е значајна, но искуството е најважно
Студентите објаснуваат дека во последно време енергетски активните конструкции се светски тренд и моментално се работи на европски проект во кој е вклучен и нивниот професор Јосифовски. Проектот има
цел да донесе упатства и препораки за изведување и пресметување на енергетските колови.
- Оваа тематика е доста обемна и комплицирана, меѓутоа, во однос на презентацијата, ние се потрудивме на наједноставен начин да ја објасниме суштината, без да се задржуваме многу на пресметките. Освен стручното жири од Универзитетот „Богазичи“, презентациите ги оценуваа и сите ментори што беа присутни – вели Адемовски.
Најголем предизвик за сите било да најдат време и за обемните и напорни факултетски обврски, но и за натпреварот.
- Вложивме голем труд и напор за да завршиме сѐ во предвидените рокови. Наградата, секако, е многу значајна, но искуството со кое се стекнавме е позначајно. Големо е задоволството да се презентира пред студенти и професори од цел свет. Освен што го проширивме нашето знаење во областа на градежништвото, научивме и како треба да биде изработен еден сериозен проект. Голема благодарност до нашиот ментор за трудот што го вложи во нас – вели студентката Кристина Јованова.
Таа објаснува дека овој настан го организираат студентите од Универзитетот „Богазичи“.
- Навистина им се восхитувам на нивната организираност и труд. Многу би било добро кога и ние како студенти би имале можност да бидеме домаќини на нешто слично – вели таа.
На Адемовски, покрај целата организација, наградата и Истанбул како град, најголем впечаток му оставила културната вечер.
- Сите учесници спремија скромна трпеза од својата традиционална храна. Беше голем предизвик да се проба храната од кујна што е многу различна од нашата - раскажува Адемовски.
Перспективна професија
Студентите нагласуваат дека за разлика од другите европски држави, македонските студенти се многу поограничени во можноста за учество на вакви натпревари.
- Сметам дека кога факултетите би биле позаинтересирани за учество на натпревари од овој тип, тогаш и студентите би добиле поголема мотивација. Во нашиот случај добивме целосна поддршка. Иницијативата да присуствуваме на овој натпревар беше на нашиот ментор, проф. д-р Јосиф Јосифовски. Нашата апликација беше испратена од страна на Градежниот факултет - објаснува Неделковска.
Градежните инженери имаат огромна улога во зачувувањето на животната средина. Што може да се очекува од нив во иднина кога се во прашање зелените технологии?
- Треба да се потенцира дека сите наши проекти како инженери претходно треба да бидат прифатени и усвоени пред нивната изведба. Тоа значи дека кога и самите инвеститори ќе почнат да ги прифаќаат зелените технологии во градежништвото во Македонија, ние како инженери ќе добиеме поголема слобода во проектирање за доброто на заедницата во која живееме - вели Неделковска.
Таа е четврта година на градежништво на конструктивна насока. Вели дека отсекогаш имала желба да се запише на некој технички факултет, па во Градежниот видела можност за кариера во која би можела цело време да учи нешто ново.
- Секако, овие студии бараат напорна работа и многу труд, кој верувам дека многу ќе се исплати – вели Неделковска.
Јованова е исто така четврта година на истата насока. Прво сакала да студира на Архитектонскиот факултет, но сфатила дека во Македонија повеќе недостигаат градежни инженери.
- Важно ми беше да студирам нешто перспективно, а и ова беше блиску до мојата желба. Ако се вратам 4 години назад, исто би постапила – вели таа.