X
 15.11.2021 Наша тема

Стабилизација на скопскиот акведукт - предизвик за студентите од Градежниот факултет во Скопје

Пред неколку години при анализа и мерења на акведуктот, уочени се доста големи ротации кај десетина столбови, при што една група се навалува кон исток, а друга кон запад. Така, хоризонталното поместување на врвот е до 10% од висината, што сериозно го загрозува опстојувањето на акведуктот

Поради минатогодишното одложување, јубилејниот 25. Меѓународен културен и академски собир на студенти по инженерство (International Cultural and Academic Meeting of Engineering Students – ICAMES) се одржа во средината на јули оваа година. Станува збор за натпревар организиран од Инженерското друштво при Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул, кој им овозможува на студентите од техничките науки да ги претстават своите знаења и идеи преку тимски изработен проект. Пријави и предлози за учество пристигнуваа од различни делови на светот, од кои програмскиот одбор селектира само 10-ина, при што оваа година во конкуренција беа многу поголем број апликации: една од причините беше „резервата“ од претходната година, а друга – најавата за онлајн организирање на натпреварот. Но, без оглед на формата на одржување, во текот на тридневниот настан секој тим го презентира својот проект на сопствен креативен начин, по што следува дискусија преку прашања поставени од страна на професорите, асистентите и студентите што се присутни. Наведените критериуми – квалитетот на проектот, презентацијата, јазикот и одговорот на прашањата – се одлучувачки во изборот на оцената за секој проект.



Слика 1 Учесници на поранешни изданија на ICAMES

Еден од трите проекти од областа на градежништвото што го помина строгиот „филтер“ беше оној на студентите од Градежниот факултет: „Стабилизација на скопскиот аквадукт – уникатна конструкција, на чекор пред колапс“, кој така се најде во друштво и конкуренција на студии, анализи и решенија изработени од студенти во Англија, Италија, Шри Ланка... Станува збор за еден од последните преостанати акведукти на Балканскиот Полуостров, за кој се претпоставува дека бил изграден во времето на Отоманската Империја, со должина од близу 400 m и висина од околу 6 m. За жал, оваа градба има претрпено доста оштетувања, за дел од кои, сепак, не може јасно да се детектираат иницијаторите и термините. Имено, пред неколку години, при анализа и мерења на акведуктот, уочени се доста големи ротации кај десетина столбови, при што една група се навалува кон исток, а друга кон запад, во слична должина од по 20-ина m. Така, хоризонталното поместување на врвот е до 60 cm, т.е. 10% од висината, што сериозно го загрозува опстојувањето на акведуктот. Со цел да се утврдат причините, беа разгледани постојните геотехнички испитувања, но беа извршени и дополнителни, со кои е утврдено дека постојат доста хетерогени почвени слоеви, вклучително и глини со висок капацитет на бабрење. Дополнително, локацијата е мочурлива и станува збор за високо активна сеизмичка област (епицентарот на земјотресот од 1963 год. е во близина на акведуктот!), така што тимот мораше да се справи со овие услови и да предложи трајна стабилизација. Во рамките на проектот беа „дигестирани“ геотехничките испитувања, тешките околности и однесувањето на акведуктот и се прикажани геотехничките мерки за спречување на понатамошни поместувања, со што нашите студенти – Радица Јованова, Јованка Кузмановска, Јана Гугулоска и Михаил Петров, а во соработка со м-р Атанас Страшески и вонр. проф. д-р Јован Бр. Папиќ, би дале придонес во заштитата на ова значајно културно-историско наследство.






Слика 2 Моделирање на акведуктот (горе) и верификација на предлогот за стабилизација (средина), со приказ за диспозиција во подолжен и попречен правец (долу)

Имајќи ги предвид сложеноста на условите, комплексноста на нумеричките моделирања и значењето на мерките за опстојувањето на акведуктот и, воопшто, за градот и историјата, Комисијата за оцена на проектите одлучи токму него да го прогласи за најуспешен и да му биде доделена Прва награда на јубилејниот ICAMES. Она што уште повеќе ги исполнува студентите е што овие анализи послужија како основа за изработка на реалниот проект за санација на акведуктот: неговата реализација е веќе во тек, при што е започнато поставување на цевки за одведување на површински и подземни води, со што се спречува загрозување на неговата стабилност.



Слика 3 Студентите од Градежен факултет – Скопје, победници на 25. ICAMES



Слика 4 Повремена и актуелна состојба на акведуктот

Во рамките на ICAMES, студентите имаа можност да ги презентираат културно-историските богатства и атрактивните туристички локации кои ги има нашата земја. Имено, во програмата на самиот настан вметната е „Ноќ на култура“, каде што сите учесници ги претставуваат своите држави со историја, карактеристики и кујна, што им овозможува на младите да запознаат други традиции и јазици, сензибилизирајќи се за мултикултурност.



Слика 6 Почеток на реализација на активностите за стабилизација на акведуктот

На таков начин, концептот на ICAMES овозможува стекнување пријателства и зближување на различностите, содржината најавува неизвесност, а форматот поттикнува конкуренција, која секогаш значи напредување, знаења, искуства... Се надеваме дека овој успех ќе биде „мамка“ која ќе привлече уште низа следни тимови, пред сè, да работат заедно и иновативно, и да се пријават за учество, а со љубопитноста да се научи нешто повеќе – и да се дружат со студенти од целиот свет. Веќе ја имате повеќекратната и неколкугодишна гаранција дека – вреди!

Радица Јованова / Јованка Кузмановска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема