X
 12.07.2023 Наша тема

Димитар Гошев: Наградата „Инженерски прстен“ e престиж и признание, отвора многу врати за понатамошно мое развивање

Сметам дека Македонија е земја со неограничен потенцијал. Иако периодов е тежок за сите нас, сметам дека во Македонија има услови за понатамошно усовршување и надградување на сите млади луѓе. Планирам мојата иднина да ја градам во мојата татковина Македонија и да ја направиме поубаво место за живеење за сите нас, вели Гошев

Димитар Гошев е дипломиран студент на Градежен факултет, магистер по технички науки во областа на градежништво и овогодишен добитник на наградата „Инженерски прстен“. Како што ни сподели тој, уште од најрана возраст, од игрите со коцки кај него се развил интересот кон градежништвото, а следејќи ги кариерите на неговиот татко и неговата сестра, уште повеќе му се продлабочила желбата за студирање на Градежниот факултет. Во основно и во средно училиште бил одличен ученик, со голем апетит за нови знаења.

Признанието „Инженерски прстен“ претставува голема чест за него и неговото семејство. Тоа претставува круна на целиот негов досегашен труд вложен во образованието.



Сѐ се врти околу факултетот

- Самото студирање на Градежен факултет е исполнето со многу предизвици како: големиот број програмски задачи, тешки испити, а малку слободно време. Затоа, потребна е континуирана работа, многу труд, постојано надградување и успехот сам ќе си дојде. Покрај сите овие предизвици од Градежниот факултет, ги стекнав најдобрите колеги, другари кои ќе бидат со мене во текот на целиот процес на студирање и заедно, предмет по предмет, ги совладувавме предизвиците што беа пред нас – вели Димитар.

Вредните работи во животот не се постигнуваат лесно и бараат одредени жртви, додава тој.

-Кога студираш на технички факултет, твојот живот се врти околу факултетот и немаш многу слободно време за други активности, но на крајот тие жртви се вредни за знаењето што го добиваш на факултетот и новостекнатите колеги, кои воедно се и другарства кои ќе траат цел живот – ни изјавува Димитар.



Македонија е земја со неограничен потенцијал

Најголем интерес во текот на студирањето на Градежниот факултет имал кон предметите од конструктивна насока.

-Поради тоа, решив во тој правец да го продолжам моето понатамошно студирање. Наградата „Инженерски прстен“ е престиж и признание, отвора многу врати за понатамошно мое развивање. Мојот следен чекор е да продолжам со мојата работа и да се стремам кон постојано надградување. Сакам да продолжам да се развивам како врвен професионалец и да придонесам за напредокот во мојата област. Мојата визија е да работам на проекти кои ќе го подобрат нашето живеење и ќе оставаат трага во нашето општество – споделува тој.

На прашањето дали ја гледа својата иднина во Македонија, тој ни одговори:

-Јас сметам дека Македонија е земја со неограничен потенцијал. Иако периодов е тежок за сите нас, сметам дека во Македонија има услови за понатамошно усовршување и надградување на сите млади луѓе. Планирам мојата иднина да ја градам во мојата татковина Македонија и да ја направиме поубаво место за живеење за сите нас – истакнува Гошев.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема