X
 11.06.2021 Живот

Пензија на 68 години? Германците бесни поради предлогот на експертите

Советниците на германското министерство за економија предлагаат возраста за пензионирање во Германија да се зголеми од 67 на 68 години. Но, предлогот наиде на огромен отпор и негодување од германската јавност, па министерот ја отфрлил идејата затоа што се приближуваат избори.

Поради огромните трошоци за санација на пандемијата, но и поради пензионирањето на генерацијата „бејби-бум“ (родени кон крајот на 50-тите и 60-тите години), на Германија ѝ се заканува шокантно зголемување на проблемот со финансирање на законски утврдената пензија, почнувајќи од 2025 година, се вели во анализата на експерти што ја советуваат германската влада.

Не само што има сè помалку млади луѓе, туку и очекуваниот животен век на жителите на земјата станува сè подолг и затоа старосната граница за заминување во пензија повеќе нема да може да се одвојува од очекуваното траење на животот на долг рок. Илузија е дека може да се избегнат пониски пензии, во спротивно државата мора да смета на силно зголемување на субвенциите за пензиско осигурување од државниот буџет.

Ако е потребно да се задржи односот на учество на животот поминат на работа и учеството на животот поминат во пензија, тогаш оние што работат денес и треба да се пензионираат во 2042 година или подоцна - ќе треба да работат сè додека не наполнат 68 години. Во спротивно, сè повеќе пари ќе одат за пензии, а сè помалку за образование, инфраструктура и заштита на климата.

penzija
Фото: Freepik

- Пензиите ќе го поткопаат капацитетот на нашиот социјален систем - вели претседателот на советничкиот совет на германското министерство за економија, Клаус М. Шмит.

Не треба да изненадува што оваа вест стана политичка бомба три и пол месеци пред изборите во Бундестагот: опозицијата веднаш се побуни, а лидерот на Партијата на левицата, Сузана Хениг-Велс, го нарече предлогот „антисоцијален“ .

Ова се покажа како можност за помалиот партнер на владејачката коалиција - германските социјалдемократи веднаш да го одбијат предлогот.

- Кај мене нема да има зголемување на возраста за пензија. Не само што е погрешно пресметано, туку и предложеното е асоцијално. Очекувам дискусија со вистински експерти  - рече кандидатот на СПД од канцеларот Олаф Шолц.

Неговиот партиски колега, министерот за труд Хубертус Хајл, исто така, се приклучи на нападот врз иницијативата велејќи дека зголемувањето на возрасната граница е погрешен начин. Законската пензија е важно ветување на социјалната држава. Станува збор за признавање на придонесот и безбедноста на животот во староста.

По целата бура, на „Твитер“ се огласи министерот за економија Питер Алтмаер одбивајќи го предлогот на неговиот тим од експерти и, патем, ги поддржа коалиционите партнери на социјалдемократите. Алтмаер потсети дека возраста за пензионирање еднаш беше зголемена на 67 години на предлог на Франц Минтеферинг од редовите на социјалдемократите.

- Границата треба да остане таму, тоа е мое мислење со години - додаде Алтмаер.

Очигледно, во пресрет на изборите, пензиите во никој случај не се тема со која демохристијаните би сакале да ги исплашат гласачите. Бидејќи гласачите се или денешни пензионери или идни.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот