Пчелите се прилично интересни суштества (освен, се разбира, ако сте алергични на нив), особено ако размислувате за нивната улога во нашиот екосистем. Многу растенија, вклучително и дивите, се потпираат на овие инсекти за опрашување и тие многу придонесуваат за нашата биолошка разновидност. Иако тие нема да исчезнат наскоро, многу градови ненамерно ги истеруваат од нивните живеалишта. Ако сакате да поминете еден ден или викенд опкружени со пчели, сега можете да одите во Јужна Италија и да резервирате кабина специјално создадена за тоа.
Наречена „Ер би & би“ (англ.„Air Bee & Bee“), кабината се наоѓа на фарма за маслинки во селото Гротоле. Во кабината можат да се сместат две лица, а надворешноста на самата кабина личи на саќе. Освен што кабината изгледа како саќе, всушност, ве опкружуваат и девет пчеларници. Една од тие кутии виси од таванот во близина на вашиот кревет.
Не постои опасност да ве искасаат пчелите бидејќи пчеларниците се со мрежа. Кабината нема струја, но ќе добиете ЛЕД-светилки на соларна енергија и торба за да можете да ја складирате храната, а звукот на пчелите постојано ќе ви прави друштво.
За искуството да ви биде целосно, сопственикот, кој е пчелар, ќе ви одржи и неколку лекции за важноста на пчелите. Ќе ви биде послужен и појадок кој вклучува домашни бисквити, јагоди и секако мед направен од локалните пчели. Кабините се изградени преку кампања за групно финансирање и помош на 25 волонтери. Целта е да се зголеми свеста за пчелите.
Ако одите во Италија и сакате да го доживеете ова искуство, можете да ја резервирате кабината за 145 долари од ноќ. Сите приходи ќе бидат наменети за локални проекти за зачувување на пчелите. Само очекувајте „100 отсто рурален“ престој во куќата и, се разбира, да поминете време во друштво на пчелите.
Извор:
Yankodesign.com
Фото: Davide Tagliabue