X
 05.05.2024 Живот

Подолгиот престој во хотел станува сѐ попопуларен

Платформата за управување со хотели „Клаудбедс“ забележала умерен раст (1 отсто) на среднорочниот престој во хотелите на глобално ниво во 2023 година, придружен со мало намалување (2 отсто) на краткиот престој. 

Овие наоди доаѓаат од извештајот на платформата наречен: „Состојбата на самостојното сместување во 2024 година“, кој посочува дека порастот на престојот од три до четири ноќевања во хотел може да биде показател за зголемената популарност на патувањата кои се комбинација на бизнис и слободно патување, каде што патниците ја користат предноста и флексибилноста од далечинското работење за продолжување на нивниот престој.

Експертите велат дека враќањето на меѓународниот туризам, исто така, може да игра улога во преминот кон подолгиот престој, бидејќи туристите имаат тенденција да останат подолго и да трошат до 90 отсто повеќе од домашните туристи.

- Подолгиот престој е благодат за хотелиерите. Кога гостите остануваат подолго, поголема е веројатноста да трошат пари на дополнителни искуства и услуги. Хотелиерите имаат корист од зголемениот приход по гостин, подобрените стапки на населеност и намалените трошоци за промет на собите. Но, не се работи само за профит. Кога гостите остануваат подолго, тие формираат подлабоки односи со персоналот и како резултат на тоа, имаат подобро искуство, што придонесува за долгорочниот успех на хотелот - вели Адам Харис, коосновач и извршен директор на „Клаудбедс“.

Речиси три четвртини од резервациите во независни хотели биле за престој од едно до четири ноќевања, при што 43 отсто од резервираните престои подразбирале едно или две ноќевања и 30 отсто за три или четири ноќевања.

Истражувањето на „Клаудбедс“ се заснова на податоци од примерок од над 10.000 независни објекти, вклучувајќи ги и поинтимните бутик-хотели и гостински куќи, како и хотелски групи во над 100 земји низ Северна Америка, Латинска Америка, Европа и регионот на Азија.

Што значи овој тренд за патниците?

Трендот на подолг престој во хотелите може да има голем број импликации за патниците. На пример, патниците можеби ќе можат да најдат подобри зделки за сместување ако се подготвени да останат подолго. Покрај тоа, хотелите може да понудат повеќе удобности и услуги за гостите кои престојуваат подолго, како што се кујни во собите или бесплатно перење на облеката.

Извор: svijetkulture.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот