X
 26.08.2019 Наука

Кинеска компанија сака да ги пренесе спомените кај клонираните миленици

Гарлик е меко маче со розово носе и мали сиви уши - исто како мачката од која е клонирано.

- Мојот мачор умре од болест на уринарниот тракт и решив да го клонирам зашто беше специјален и незаборавен - истакнува сопственикот на Гарлик, Хуанг Ји.

Но, иако Гарлик биолошки е идентичен како неговиот претходник, тој не е истиот мачор - Гарлик има своја личност и си создава сопствени спомени.

Откако кинеската компанија „Синоген биотехнолоџи“ ја претстави првата клонирана мачка во оваа земја, нејзиниот следен чекор ќе биде користење вештачка интелигенција за префрлање на спомените од саканиот миленик во клонираното животно.

Генералниот менаџер на компанијата истакна дека за да може клонираното животно да ги има истите спомени, компанијата планира да употреби вештачка интелигенција или човек-машина интерфејс технологија за да ги зачувува или да ги пренесува спомените кај клонираните животни.

Иако сѐ уште не се разјаснува дали тоа воопшто е технолошки можно, фактот дека компанијата ја разгледува можноста може да се сфати како знак дека има побарувачка за животни кои се идентични (во тело и дух) како нивните претходници.

И тоа е вознемирувачко на повеќе начини.

Клонираните животни веќе се контроверзни - научници тврдат дека клонираните животни не се толку здрави и имаат пократок животен век од природно родените, а некои активисти за права на животните истакнуваат и дека клонирањето животни не е етичко со оглед на бројот на животни на кои веќе им е потребен дом.

Сепак, тоа не ги запира луѓето да дадат илјадници долари за „да ги вратат во живот“ нивните сакани миленици.

Во меѓувреме, Гарлик има речиси еден месец, а од компанијата велат дека веќе има неколку лица подготвени да платат околу 35.400 долари за да им бидат клонирани милениците.

Доколку компанијата најде начин да ги клонира и спомените на милениците, не се знае колку животни ќе останат во засолништа додека луѓето што жалат по загубените миленици се свртуваат кон науката, надевајќи се дека ќе им помогне.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука