X
 11.07.2019 Живот

Како изгледа Халкидики по невремето

Најмалку шест туристи, меѓу кои и две деца, загинаа, едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија по невремето што вчера ја зафати Северна Грција, а најпогодени беа делови од Халкидики.


Како што информираа од македонското Министерство за надворешни работи, досега нема информации за настрадани државјани на нашата земја во невремето. Засега ниеден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од надлежните институции.



Со македонските туристите кои се на одмор во регионот Халкидики, кој беше зафатен од силно невреме, се контактира и им се нуди помош, но досега нема такви пријави, ниту пак поголеми откажувања на туристичките аранжмани, велат за МИА дел од туристичките агенции од државава.

На граничниот премин „Богородица“ денеска не е забележана поголема фреквенција и враќање на туристите.

Набрзо по полноќ во поширокиот регион на Халкидики беше прогласена вонредна состојба, а министерот за цивилна заштита на Грција рано утрово одржа вонреден владин состанок за првична процена на ситуацијата.

Жртвите од невремето се туристи од Романија, Чешка и од Русија кои биле во близина на првиот крак, додека, пак, од вчера попладне еден рибар се води како исчезнат.

Повредените се пренесени во неколку болници на Халкидики и во Солун, а според владиниот портпарол Стелиос Пецас, една жена е хоспитализирана на интензивна нега. Неофицијално, меѓу повредените има и деца.

Шест туристи го загубија животот во три одделни случаи. Триесет и деветгодишен Русин и неговиот двегодишен син загинаа во Неа Потидеа откако врз нив паднало дрво, врз 54-годишна жена од Романија се урнал покрив од таверна во местото Неа Плаја, а во истата таверна, под засега непознати околности, починало и осумгодишно дете, исто така од Романија.

Невремето на плажата Созополис во близина на првиот крак беше трагично и за повозрасна брачна двојка од Чешка, кога се превртел нивниот автомобил-приколка. Неофицијално, заедно со нив биле и нивниот син и внук, кои поминале без повреди.

Грчката крајбрежна служба од вчера попладне трага по рибар кој со својот чамец исчезнал во морето.

Невремето остави зад себе голема материјална штета и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Грчката противпожарна служба до три часот утрово добила над 600 повици за помош, а интервенирала во 235 случаи за спасување, но и за отстранување на паднати дрвја.
Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот