Катастрофалните пожари во Грција во кои настрадаа десетици луѓе се најлоши во последните 11 години во Грција. Огнот проголта куќи, вили и одморалишта, а изгореа и автомобили полни со луѓе.
Прашањето што сега многумина го поставуваат е како тоа воопшто можеше да се случи? Како е можно да загинат толку многу луѓе?
Во пожарите беа уништени куќи, сообраќајот на некои од главните патишта беше прекинат, а голем број жители беа принудени да ги напуштат своите домови. Бројот на загинати би можел уште да се зголемува.
Како почна сѐ?
Екстремната суша и јаките ветришта во понеделникот распламтија пожар во близина на грчката туристичка дестинација Кинета. Во градското подрачје на Атина е прогласена вонредна состојба. Пожарите избија западно и источно од грчкиот главен град, среде високи температури од 40 Целзиусови степени и силни ветришта.
Спасувачите од грчкиот Црвен крст пронајдоа 26 тела, во меѓусебна прегратка, на само неколку метри од плажата.
- Се обиделе да најдат рута за бегство, но, за жал, овие луѓе и нивните деца не успеале. Инстинктивно, гледајќи дека крајот е блиску, тие се прегрнале - истакна челникот на грчкиот Црвен крст, Никос Економопулос.
Зошто настрадаа толку луѓе?
Еден репортер на „Скај њуз“ објасни зошто пожарите предизвикаа толку големи последици.
„Иако бројот на жртвите е многу голем, многу луѓе се евакуирани. Евакуацијата не е спроведена на лош начин, туку пожарот бил толку силен и дошол толку брзо, што луѓето не можеле да побегнат. Сцените од бегството биле многу хаотични. Пламенот го зафатил конвојот со автомобили и сите трчале кон морето. Некои успевале, некои не. Затоа ситуацијата била многу неизвесна за илјадници луѓе што биле заглавени во пожарот“.
Еден од сведоците чија фамилија се спасила со бегство во морето, притоа губејќи ги куќата и автомобилот, истакна дека се обидел да им помогне на две жени заробени во автомобил, но не успеал.
Најчести виновници за пожарите се луѓето
Димитри Пирос, шеф на медицинските служби ЕКАВ, националниот центар за итна помош, истакна дека луѓето претрпеле страшни повреди поради брзината со која се ширел пожарот.
Пожарите се чест проблем во текот на топлите и суви лета во подрачјето Атика. Ветриштата со брзина до сто километри на час беа дополнително отежнување за пожарникарите во Грција.
Пожарникарите често говорат за триаголникот кој е потребен за да настане пожар: гориво, кислород и жештина. Во еден топол летен ден, во сушни услови, доволна е само искра од тркалата на возот за да избувне голем шумски пожар. Понекогаш пожарите се случуваат спонтано, поради жештина или удар на гром.
Меѓутоа, најчест виновник за шумските пожари се палењето и човечката невнимателност - палење оган во камповите, фрлање догорчиња, играње со кибрит или огномет, наведуваат пожарникарите кои минатата година се бореа со огнените јазици во Калифорнија.
За да се спречи ширењето на пожарите, службите мора од патот да отстранат сѐ што може да гори. Експертите прво го предвидуваат движењето на пожарот мерејќи ја брзината на ветрот и следејќи ја насоката на движењето, а потоа со булдожери и алат ги отстрануваат дрвјата, грмушките и преостанатото гориво.
- Кога ќе го отстраните целото гориво околу целиот пожар, можете ефикасно да го совладате - вели советникот на
британската Комисија за шумарство, Роб Газард.