Колумна на Александар Павловиќ, научен соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија на Универзитетот во Белград
Мајстори, мајстори
што направивте
тоа не е мојата куќа
тоа веќе не сум јас.
Александар Секулиќ, „Мајстори во куќата“
По потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018 година и усвојувањето на францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија пред неколку дена, Северна Македонија и официјално доби статус на кандидат за член на Европската Унија, со честитки од највисоките европски службеници, од Урсула фон дер Лајен, Макрон и други. Македонската сага, ми се чини, има најблиска паралела во епизодата од серијата „Сплетки“ (Only Fools and Horses) во која Тригер (Брзи), чистач на улици, добива орден од градскиот совет затоа што веќе 20 години користи иста метла. „Четиринаесет пати ѝ ја менував рачката, а седумнаесет пати четката“, им се фали Брзи на другарите во пабот, по што тие збунето го прашуваат: „Како, по ѓаволите, тоа може да е истата метла?“ Имено, да замислиме наместо Брзи некој Македонец кој на истата екипа ѝ се фали дека неговата држава 17 години по поднесувањето на барањето на кандидатурата и официјално станала кандидат, откако во меѓувреме ги промени името, знамето, Уставот и учебниците по барање на Грција, а потоа се обврза повторно да ги промени и учебниците и Уставот поради бугарското инсистирање дека јазикот и нацијата ѝ настанале од Бугарите. Што друго би можело да каже друштвото на масата освен: „Како, по ѓаволите, тоа може да е истата држава?“
Во духот на демократијата
Не е баш така, ќе речете. Па, да видиме. Обемниот Преспански договор помеѓу Грција и Македонија, со кој подоцна се согласи да го промени името на државата во Северна Македонија, е потпишан во јуни 2018 година „во духот на демократијата, почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи и достоинство“, како што стои во неговата преамбула. Особено внимание привлекуваат членовите 7 и 8 со кои, меѓу другото, Македонија се обврзува во рок од шест месеци да го ревидира статусот на спомениците, јавните зданија и инфраструктури и доколку тие на кој било начин посочуваат на старата хеленска цивилизација и сочинуваат интегрален дел од грчкото историско и културно наследство, ќе спроведе корективни мерки (член 8 став 2), нема да го користи симболот кој беше прикажан на нејзиното знаме и ќе го отстрани од сите јавни места и јавни употреби на својата територија (член 8, став 3). На крај, двете страни се согласуваат да формираат експертски комисии кои, врз основа на научни факти и доверливи историски извори, „по потреба ќе ги ревидираат кои било учебници и помошни наставни средства како што се мапи, историски атласи“, а и ќе ги контролираат идните изданија.
Освен тоа, „страните прифаќаат дека нивното специфично сфаќање на поимите 'Македонија' и 'македонски' се однесува на различни историски контексти и културно наследство“, па така, кога Грците ги користат тие поими, тие се однесуваат не само на подрачјето и народот на северот од Грција, туку и на она што им припаѓа („but also their attributes“), како и хеленската цивилизација, историја, култура и наследство од тој регион од антиката до денес (член 7, став 2); кога Македонците ги користат тие поими, меѓутоа, тие се однесуваат на нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се впечатливо поразлични („distinctly different“) од оние што ги користат Грците. На крај, двете страни наведуваат дека „официјалниот јазик и преостанатите атрибути на втората страна не се поврзани со древната хеленска цивилизација, историја, култура и наследство на северниот регион на првата страна“ (член 7, став 4).
Од сите парадокси со кои изобилува овој документ, овој веројатно е најголем. Цела Европа, Западот, целиот Медитеран, па и целиот свет ја наследува хеленската култура и јазик и чувствува поврзаност со неа, само Македонците се исклучок? И да сакаме - според зборовите во овој договор - да се ограничиме само на северниот регион на Грција, како би го извеле тоа во практика? Со оглед на тоа дека Аристотел е стагиранин, односно Македонец, дали тоа значи дека треба да ја отфрлиме секоја врска меѓу неговото учење со нашата култура? Или ќе го исфрлиме само она сознание до кое Аристотел дошол при престојот во Македонија, додека бил тутор на Александар Велики? А што ако сите свои главни мисли Аристотел веќе ги донел во главата од Стагира? Која комисија може од денешниот корпус на знаење да издвои што е на Аристотел, а што не е, кога речиси секој учебник почнува со тоа дека името, поделбата и описот на денешните природни и општествени науки доаѓа токму од него? Значи, на сите други Грците надолго и нашироко ќе им зборуваат дека нивната култура, политика, наука и филозофија имаат хеленски корени, само ќе им одрекуваат на Македонците?
Неволји со јазикот
Особено е интересен ставот 4 од Преспанскиот договор во кој се вели: „Втората страна го наведува како нејзин официјален јазик македонскиот, кој спаѓа во групата јужнословенски јазици“. На внимателниот читател нема да му избега тоа дека грчката страна со ова не го признава нужно ни официјалниот јазик на северниот сосед како македонски јазик, ниту неговата посебност во групата јужнословенски јазици - тоа тврдење го изнесува само македонската страна. Но, додека јазичното прашање во спорот со Грција беше суштински маргинално бидејќи на Грците не им е проблем постоењето на македонскиот јазик и нација сè додека Македонците не се врзуваат за античките Македонци, во спорот со Бугарите, кои македонскиот го сметаат за дијалект на бугарскиот, тоа е клучно.
Што во таа смисла носи најновиот документ? Во најновиот Протокол, за кој во основа на 16 јули се изјаснуваше македонското Собрание, Република Северна Македонија се обврзува дека во својот Устав ќе ги внесе Бугарите, дека македонската Влада ќе ги „реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на комунистичките власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“, ќе спроведе рехабилитација на жртвите на репресија од комунистичкиот период, „ќе гарантира слободно остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница“, дека ќе го сузбива говорот на омраза против Бугарите и ќе постигне резултати во кривичното гонење на оние што го користат, дека ќе „ги почитува сите заеднички историски настани и личности претходно договорени“, ќе достави изменета лекција за Самуиловото Царство во учебникот за седмо одделение и „ќе ја промени содржината на учебникот по географија за седмо одделение поради неосновани етнички/територијални претензии“ итн.
Основниот впечаток што го дава овој документ е едностраноста на низа мерки и обврски, кои се однесуваат само на македонската страна. Бугарите ќе бидат признаени во Северна Македонија, но не и Македонците во Бугарија, само бугарските жртви на комунистичката репресија во Македонија ќе бидат официјално рехабилитирани, но не и оние македонските во Бугарија, само Северна Македонија ќе гарантира остварување на правата на Бугарите во својата земја. А што е со Втората светска војна? Па Македонците не ја окупирале Бугарија во 1941, туку обратно. Што е со жртвите на бугарската окупација? Со други зборови, нема ни збор за македонската заедница во Бугарија и нивните права, страдања пред, за време и по Втората светска војна. И при сето тоа, овој Протокол не ги содржи сите обврски кои македонската страна ги презеде бидејќи се повикува на некои претходни договори кои допрва ќе бидат објавени. Со други зборови, статусот и посебноста на македонскиот јазик, правата на Македонците на сопствен идентитет, реципрочното извинување за бугарската окупација или злосторствата направени во Втората светска војна не се ни споменати.
Значи, нема ни еден збор за македонскиот јазик, освен што Протоколот се завршува со напомена дека е потпишан во Софија, „во два примерока, секој од нив на официјалните јазици на државите – бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик, согласно Уставот на Република Северна Македонија“. На првиот ден од собраниската расправа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги убедуваше македонските пратеници во Собранието со зборовите: „Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние тоа целосно го почитуваме“. Но, тоа ние очигледно се однесува на бриселската администрација, но не и на Бугарите кои, значи, имаат целосна слобода и понатаму да тврдат дека македонската нација не постои и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Сите нации се измислени, само некои се поизмислени од другите
Да се разбереме, сите нации, како што вели Бенедикт Андерсон, се „замислени заедници“, модерни политички производи полни со противречни, произволни историски рефлексии, приказна за поврзаноста на крвта и земјата, за јуначкото и древно минато и славните предци. Поновиот наратив за денешните словенски Македонци како потомци на древните Македонци, наследници на царството на Александар и слично е бесмислица. Но, исто така, етничката, генетска и културна врска меѓу денешните Грци со древните Грци или денешните Бугари со степското племе Булгари, по кои го добиле името, толку е далечна и посредувана, што ниедна модерна политичка заедница не би требало да полага монопол на Александар Велики или Самуил, а не пак врз основа на тоа право да ограничува други во поглед на името на земјата, знамето и државните симболи. Иднината на една европска земја не смее да зависи од страницата 34 во учебникот по географија за 7. одделение за основно образование. Тоа е директно спротивно на „духот на демократијата, почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи и достоинство“. Ако денешните Бугари и Грци сè уште боледуваат од национални фикции и фрустрации, Европската Унија и нејзините лидери би требало да ги трезнат и лекуваат, а не да ги охрабруваат поздравувајќи договори кои почиваат „на компромиси и рамнотежа“ (Макрон), при што на едните, кои се надвор од Унијата, до самочистење им се стеснуваат основните политички права, додека другите, внатре во неа, се зацврстуваат во својата ексклузивност.
Фото: Freepik