X
 11.07.2019 Живот

Последниот европски диктатор: 25 години на власт и не му се гледа крајот

Александар Лукашенко веќе 25 години владее со Белорусија. На Запад веќе нема репутација на „последниот диктатор на Европа“.

Но, најголемиот предизвик допрва му претстои - заминувањето од власта.

По оставката на претседателот на Казахстан, Нурсултан Назабаев во март, Александар Лукашенко е претседател на држава со најдолг стаж на постсоветскиот простор.

Овој 64-годишен автократ со препознатливи мустаќи ја слави својата 25-годишнина на власт.

Кога на 10 јули 1994 година бил избран за првиот претседател на Белорусија, поранешна советска република на источната граница на Европската Унија, земјата била независна само три години. Во тоа време народот го нарекувал Лукашенко - „бачка“ (татко).

На лидерскиот стил на татко му останал верен до ден-денес. На пример, се грижи дали кравите се премногу валкани и дали имаат доволно храна. Тоа е типично за Лукашенко. Така, во март, поради лошата состојба на едно земјоделско стопанство, тој отпуштил неколку функционери, вклучувајќи го и министерот за земјоделство.

Често се слуша дека Лукашенко во својата република од 10 милиони луѓе одржува еден вид „мини-Советски Сојуз“. Ова се однесува на релативно успешниот индустриски и земјоделски сектор, кој има придобивки од државната поддршка, а пред сè, од политичкиот сојуз со Русија. Но, ова доведе до зависност која Русија сака да ја искористи. На пример, Москва воведе ограничување на увозот за белоруските млечни производи.

Темната страна на неговото владеење е крајно персонализираниот авторитарен режим. Лукашенко се потпира на разузнавачката служба КГБ, која во Белорусија сè уште го има ова име, како некогаш во Советскиот Сојуз.

diktator
Фото: Getty Images

Преку референдум тој донел измени во законите и уставот за да има поголем авторитет и неограничен реизбор. На парламентот му е одземена моќта, либералната опозиција била намалена, а медиумите цензурирани. Некои опозициски политичари исчезнале без трага, а протестите биле потиснати.

- Од една страна, Лукашенко беше гладен за власт и не сакаше никакви ограничувања. Од друга страна, во општеството постоеше желба за ред во советска смисла - вели Валери Карабалевиќ, политички експерт и автор на биографијата на Лукашенко.

На Запад, Лукашенко се сметаше за „последниот диктатор на Европа“. ЕУ воведе санкции врз него и неговата елита.

Но, овие времиња поминаа во 2014 година, по конфликтот меѓу Русија и Украина. Лукашенко остана неутрален во оваа криза и доби меѓународна репутација благодарение на преговорите за Источна Украина во белорускиот главен град Минск.

Исто така, претседателот ослободи и некои опозициски активисти, и така го отвори патот за укинување на санкциите на ЕУ, што се случи во 2016 година. Сепак, земјата не стана демократска. Според специјалниот претставник на ОН во Белорусија, човековите права редовно се прекршуваат во оваа земја.

Повторното приближување кон Западот требаше да биде крунисано во февруари. Беше планирано првото учество на Лукашенко на Минхенската безбедносна конференција. Но, патувањето било откажано. Веста дошла по состанокот на Лукашенко со рускиот претседател Владимир Путин, што довело до шпекулации за можното поврзување на двата настана.

Зголемен притисок од Русија


Од самиот почеток Лукашенко одржува блиски односи со Русија. Со Борис Елцин, претходникот на Путин, во 1997 година основале руско-белоруска држава, унија што досега постоела само на хартија. Исто така, Белорусија е основач на Евроазиската економска унија - инаку омилениот проект на Путин, чија цел е реинтеграција на поранешните советски републики.

Но, во последните месеци Лукашенко претрпел зголемен притисок од Москва за да стане уште поповрзан со оваа земја. Така, економската политика на Русија ја натера Белорусија да профитира помалку од руската нафта од нејзината преработка и препродажба на Запад. Имаше шпекулации дека Кремљ сака да го заживее проектот руско-белоруска држава со цел на Путин да му се овозможи реизбор. По два мандата, шефот на Кремљ повеќе не може да се кандидира, а мандатот му истекува во 2024 година. Лукашенко се исплаши за својата моќ и, ако воопшто постојат, ги отфрлил таквите планови. Ја критикувал Русија необично остро, но избегнувал директни напади врз Путин.

Најголемиот предизвик за Лукашенко допрва доаѓа: неговото заминување од власта. Тој неодамна објави дека следните претседателски избори ќе се одржат во 2020 година. Тој би можел да се кандидира.

Лукашенко е „заложник“ на системот што сам го создал. 

- Лукашенко нема избор освен да се обиде да остане на власт до крајот на својот живот - вели Карбалевиќ. Неговото заминување ќе доведе до промена на режимот, а тешко е да се замисли негов наследник.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот