Сета таа величенствена убавина што ја гледаме во природата, сите природни појави и процеси што се одвиваат по точно определени физички (природни) закони. Нејзините многубројни објекти што егзистираат во една совршена хармонија ми се инспирација, вели Китановски, авторот на книгата „Универзален време-простор“
Книгата „Универзален време-простор“ произлезе како резултат на смели идеи за толкување на основните природни поими, физичките ентитети, време и простор. Во неа се третираат теми од физиката, но во анализите се додава дополнителен акцент од филозофски аспект со цел опишување на физичките појави и феномени во подлабока смисла. Книгата е наменета и за филозофи чиј поглед на светот без природни основи не би бил возможен. Таа може корисно да послужи и како инспиративна тема за вечните размислувања за универзалниот живот, бескрајноста и вселената – вели електроинженерот
Мирослав Китаноски, автор на ова дело, кој има големи афинитети кон физиката, електрониката и технологијата. Во интервјуто за Факултети.мк Китаноски раскажува за инспирацијата за оваа книга, за физиката како негова љубов, природата...
Од кога датираат Вашите интереси и афинитети кон физиката, електрониката и технологијата?
- Интересите за физиката датираат уште од основното образование. Подоцна, во средното образование (гимназија, природно-математичка насока) физиката ја запознав во најдлабока смисла благодарение на мојот професор, почитуваниот Никола Лочев. Професорот Лочев имаше бескрајно голема инспирација и несебично вложуваше труд во процесот на нашето образование. На располагање имавме огромна литература, главно од руски автори, еден морничав и истовремено креативен кабинет по физика во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“. На огромната табла, по принципот ex catedra, решававме различни констелации на движења на небески тела со употреба на универзалниот закон за гравитација на Исак Њутн. Нашиот најголем успех го постигнавме на републичкиот натпревар по физика во 2001 година, кога се натпреваруваме во областа електромагнетизам и осцилации. Имавме огромна среќа што имавме таков професор.
Што се однесува до електрониката и технологијата во општ случај, овие гранки природно потекнуваат од физиката. Сепак, електрониката, па и секоја технологија, за мене претставува една природно-техничка варијација на уметноста. Секој технолошки производ е своевидно уметничко ремек-дело, а инженерите што ги создаваат овие дела, користејќи ги притоа законите на физиката, се природни уметници.
Што најмногу Ве фасцинира во природните науки?
- Едноставно, природата. Сета таа величенствена убавина што ја гледаме во природата, сите природни појави и процеси што се одвиваат по точно определени физички (природни) закони. Нејзините многубројни објекти што егзистираат во една совршена хармонија. Грандиозната убавина на природата може да предизвика и восхит и страв кај човекот. Прекрасно е чувството кога уживаме во сите бои на есенската шума, на пролетните полјани, на мирните мориња, на чистиот планински воздух, но исто така е страшна и бурата на отворено море, на висока планина. Чадот од големи огнови нè задушува, а во вселената, пак, нема ниту воздух, кој е неопходен за живот на човечкиот организам. Сепак, сите овие појави и услови се природни, а човекот секогаш се восхитува на нивната грандиозност.
Автор сте на книгата „Универзален време-простор“. Како дојдовте до идејата за едно вакво дело? Што Ве поттикна?
- Книгата „Универзален време-простор“ е всушност моето прво дело, а се надевам дека нема да биде последно. Идеjата за оваа книга кај мене се појави како откровение. Меѓутоа, откровението е само еден краток временски момент, а истиот тој момент е само дел од еден подолг процес. На почеток само се размислува за нештата, се прават многу анализи и истражувања. Има многу прашања, а за нив нема одговори. Потоа, од никаде, се појавува тој краток момент на откровение, во кој целокупната идеjа се презентира како слика во мозокот. Тој момент е навистина краток, со времетраење од неколку секунди. Во тие неколку секунди мозокот е бомбардиран со премногу информации, па најважните од нив ги запишуваш брзо на хартија. Тие кратки забелешки всушност го претставуваат целиот концепт за книгата што ќе биде подоцна напишана. Да се опише тоа чувство во моментот на доживување е тешко, но може да се замисли на следниов начин: како сите тие прашања за кои бараме одговори несвесно да сме ги пратиле до универзумот, па сега универзумот ни ги праќа сите одговори сублимирани во една ментална слика и во дел од секунда. По тој момент мозокот уште се наоѓа во една возвишена ментална состојба, која полека ќе почне да стивнува. Откако работите ќе се стабилизираат, тогаш започнува процесот на пишување на книгата кој, се разбира, трае подолго.
Фасциниран од природата
За што пишувате во книгата, појаснете ни повеќе кои области ги опфаќате?
- Книгата „Универзален време-простор“ всушност претставува една кратка теорија по физика. Таа се однесува на основните природни поими, време и простор и се обидува да ја открие природата на овие ентитети. Темите што се третираат во книгата се теми од физиката, но при анализите е додаден дополнителен акцент од филозофски аспект. Според тоа, книгата ѝ припаѓа на областа филозофија на природните науки.
Велите дека книгата има свои оригинални приоди и новитети, сопствени дефиниции за нови физички закони и величини. Може ли да ни откриете малку повеќе?
- Оригиналните приоди во книгата се алтернативните пристапи за поимањето на времето и просторот. Во неа има повеќе дефиниции за „нови“ и веќе постојни физички закони и величини. Терминот „нови“ не значи дека поимите се новоизмислени во физиката, туку само дека се нови во поглед на досегашните знаења. Во класичната наука ништо не е измислено, туку само е откриено. Конкретно во книгата има нова дефиниција за поимот етер, кој модерната физика го отфрли од употреба, се дефинира и специфична електрична отпорност и спроводност на слободен простор или вакуум, како и некои други величини и закони.