X
 07.09.2017 Култура

Владета Јеротиќ: Зошто на луѓето им е тешко да сакаат?

„Среќен е оној што умее да сака“,
Херман Хесе


Претпоставувам дека во вековите на релативно стабилно патријархално семејство, поддржувано и од црквата и од државата (се работи за западноевропска, христијанска цивилизација), поимот љубов бил релативизиран, со оглед дека бракот се склучувал со спогодба, со волја и избор на родителите, поретко со грабнување, или многу ретко со вистинска љубов, односно заљубување. Во патријархалното семејство (и во балканските) се раѓале повеќе деца, кои од страна на родителите, главно, биле еднакво сакани, со намера што порано да ги оспособат за самостоен живот, како услов за создавање ново семејство. За разлика од вака претставените, повеќевековни патријархални семејства, уште на почетокот на 20 век во Европа, а значително побавно на Балканот, патријархатот – под што треба да се подразбира облик на родова заедница во која преовладува правото на таткото, повеќе или помалку потчинета положба на жената, слаба индивидуализација на поединецот, моќта на христијанската црква, на почетокот бавно, а потоа сè побрзо исчезнувал. Брачните односи, долго време, благословени од црквата и граѓански озаконети, се заменуваат со вонбрачни односи со или без деца, чести разводи на веќе склучените бракови, промискуитетно однесување на жените и мажите (хедонистички тип на живеење), сè почесто сведени на спорадични врски воспоставени преку површни познанства, материјална корист, емотивно студенило или рамнодушност.

Како во еден ваков општествен поредок, кој се заснова првенствено на потрошувачки менталитет, сомнително стекнување на материјални добра, придружен со сè позабележлив егоцентризам, но и сè побрзо губење на религиозните потреби во животот, односно преовладува атеистичкиот или рамнодушниот поглед на светот, да се зборува за љубовта меѓу луѓето, меѓу народите, за љубовта во семејството?!

Еве го првиот можен одговор на едно болно и сè почесто поставувано прашање: зошто на луѓето им е тешко да сакаат? Одговорот гласи: едноставно, затоа што не биле сакани! Ако е точно – што го потврдуваат и многумина психолози денес – дека детето е „ум кој впива сè“, што значи дека главните одлики на идниот карактер се формираат најдоцна до крајот на петтата година од животот на детето, тогаш одлучувачки за идниот еротско-сексуален однос на поединецот е дали и колку бил сакан од едниот или од двајцата родители. Се разбира дека главен услов за родителите да го засакаат детето е нивниот однос во љубовта. Честите несогласувања во бракот, отворените кавги и прељуби, агресивната потреба на едниот или другиот брачен партнер да владее со другиот, отвореното уценување на децата, како и невидливата или видливата борба меѓу партнерите околу придобивањето на детето за себе, и на крајот развод на бракот – како од целиот овој емотивен и когнитивен хаос меѓу родителите да се научи детето како да сака? Кого да го сака? Веројатно најпрво своите родители, а потоа во текот на животот и брачниот партнер, пријателите, својот народ, својата професија. (...)

Се плашам дека повеќето денешни млади во западниот свет (како и кај нас) до таа мера се емотивно незрели, што патолошката потреба за некаква зависност (алкохол, дрога, таблети, телевизија, интернет, храна, претерано работење, честа промена на сексуалните партнери без љубов...)  речиси целосно ја замени потребата од борба за независност. Еден од главните стравови кај младите денес е емотивниот страв од врзување со партнер од спротивниот пол (дали тоа е причината за почесто избирање партнери од истиот пол?). Зошто е тоа така? Честа причина е трагичното искуство на младите со сопствените родители, најпрво вљубени и емотивно поврзани еден за друг, а потоа со губење на вљубеноста (која не преминала во љубов) го разведуваат бракот, често со меѓусебна омраза. Значи, наместо природно врзување, а потоа и природна зависност од партнерот од спротивен пол кој се сака вистински, патолошката зависност се пренесува на погрешни и опасни објекти, кои претходно ги спомнавме.

Интелигентните млади луѓе уочуваат уште една погубност во брачните односи на своите родители: агресивна желба за владеење и покорување на другиот партнер, а потоа и на детето! Зошто тогаш младите луѓе денес воопшто би стапувале во брачен однос кога им се заканува опасност од погрешно емотивно поврзување (со тенденција да се разочараат поради преголемите очекувања, кои како и разочарувањата можат да доведат до депресија и суицидност, но и до осветољубив промискуитет), а потоа и ропска зависност од „посилниот“ во бракот!

Извадок од книгата „За љубовта“ од Владета Јеротиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура