„Титан“, потопената подморница на туристичката експедиција за истражување на остатоците од „Титаник“, која неодамна привлече големо внимание во медиумите, доживеа катастрофална имплозија.
Како што изјавија властите, петте патници што се наоѓале во подморницата загинале при имплозијата.
Но, како се случила имплозијата и какво влијание имала врз екипажот на „Титан“?
Арун Бансил, универзитетски професор по физика на Универзитетот „Нортистерн“, дава основен преглед на физиката и последиците.
Што значи за една подморница ако таа „имплодира“ и која е разликата од експлозија?
Едноставно, имплозијата е спротивна на експлозијата. При експлозија, силата дејствува нанадвор, но при имплозија силата дејствува навнатре. Кога подморницата е длабоко во океанот, таа ја доживува силата на нејзината површина поради притисокот на водата. Кога оваа сила ќе стане поголема отколку што може да издржи трупот, подморницата силно имплодира.
Официјални лица што ја надгледувале потрагата по подморницата изјавија дека откривањето на остатоците од неа биле во согласност со „катастрофална имплозија“. Што би значел таков настан за петтемина патници?
Имплозиите се многу насилни. Како што трупот се распаѓа под огромниот надворешен притисок, се ослободува голема количина на енергија, па петтемина патници веројатно веднаш умреле. Тие не доживеале болка и не знаеле што се случува.
Дали можете накратко да го објасните инженерството зад тоа како подморниците се способни да навигираат во такви длабочини и зошто „Титан“ не успеа?
Клучот е дизајнот на трупот што го штити од големиот надворешен притисок на водата што се обидува да го „скрши“ трупот. Голем дел од постојната технологија се базира на челик, титаниум и алуминиум. Работата на овие материјали под екстремен стрес е добро позната. Но, трупот на „Титан“ имаше експериментален дизајн. Користеше претежно јаглеродни влакна, кои имаат предност затоа што се полесни од титаниумот или челикот, така што во „Титан“ имаше повеќе простор за патниците. Но, својствата на јаглеродните влакна во длабочините на морето не се добро разработени и сфатени.
Исто така, „Титан“ претходно неколку пати се нурна во длабокото море, што веројатно придонело за замор на трупот и тоа предизвикало поголема склоност кон катастрофа.
Извор:
Scitechdaily.com
Фото: OceanGate Expedition