Честопати Сонцето изненадува и воодушевува со некои негови тајни. Поконкретно, сондата „Солар орбитер“ на Европската вселенска агенција (ЕСА) ни овозможува да ги откриеме тајните што Сонцето ги крие милиони години.
Проучувајќи ги сликите направени од сондата, научниците открија и нешто малку бизарно, но многу интересно. Тие забележале огромна „змија“ како се движи по површината на Сонцето.
Видеото е направено на почетокот од септември, кога сондата се приближи до Сонцето за да направи подетални слики. Кога научниците од ЕСА почнале да ги анализираат сликите, забележале дека „нешто“ се движи по површината на Сонцето со неверојатна брзина од 170 километри во секунда. Понатамошната анализа на фотографиите, направени во период од три часа, открила дека всушност се работи за вител од постудени атмосферски гасови, во форма на плазма, кои се движеле низ магнетното поле на Сонцето.
Според научниците, „змијата“ почнала од активниот дел на Сонцето, кој набрзо потоа еруптирал и исфрлил голем блесок и испратил милијарди тони плазма во вселената. Исто така, тоа бил еден од најинтензивните сончеви изливи што некогаш биле забележани.
Научниците се сомневаат дека „змијата“ можеби е знак за ваква огромна ерупција. Доколку ова се покаже како точно, а за кое ќе бидат потребни поинтензивни истражувања, би можело да фрли ново светло на Сонцето и неговата активност и последиците што ги чувствуваме како соларни бури.
Фото: ESA/YouTube/Zimo/Screenshot