X
 11.08.2018 Технологија

Десет нешта што ги научив работејќи како програмер

Сѐ повеќе млади луѓе, но и повозрасни, сакаат да работат нешто поврзано со информатичката технологија. Нивната желба е повеќе од оправдана бидејќи тој сектор денес претставува сигурен извор на приходи и полигон за изградба на перспективни кариери.

Меѓутоа, има многу луѓе што на своето прво работно место доаѓаат погрешно информирани за тоа што можат да очекуваат од работата во ИТ-секторот. Тие заблуди некогаш можат да чинат многу повеќе отколку што може да надомести и најдобрата плата.

Душан Станковиќ, програмер со 10-годишно искуство во интернационална компанија, сака да ги сподели своите искуства со сите оние што се нови во ИТ-секторот или планираат да бидат дел од него и на тој начин да им помогне да не ги направат грешките што тој ги направил.

1. Секој може да стане програмер

Добро, речиси секој. Мал број луѓе сепак не можат. Тоа се оние што се мрзливи, оние што брзо се откажуваат, потоа оние што го гледаат програмирањето како некоја второстепена активност која ќе ја вршат половина час секој втор ден, оние што сакаат да бидат „по малку“ програмери, оние што секој проблем го решаваат на ист начин и оние што мислат дека успехот доаѓа преку ноќ. Сите други можат.

2. Дипломата е важна, но учењето штотуку почнува


Кога дојдов на првата работа, самоуверено мислев дека знам сѐ, или барем многу. Тогаш сфатив дека мојата престижна диплома, која беше доказ за тоа знаење, е само влезница која ми ја отвори вратата и ми дозволи да продолжам да учам. А тогаш сфатив уште една голема вистина...

3... ако не продолжите да учите, нема да напредувате

Едно од најлошите чувства во животот е сфаќањето дека тапкате в место додека сите други ве одминуваат и напредуваат. Без оглед на тоа колку е големо вашето знаење, ИТ-светот безусловно бара константно да учите. Без разлика дали сте програмер, системски администратор или веб-дизајнер, секојдневно мора да учите нови програмски јазици, нови техники и пристапи до проблемите, инаку многу брзо ќе почувствувате како ве прегазило времето и како вашата стручност се руши како кула од карти.

4. Во ред е (понекогаш) да немате поим

Не плашете се да признаете дека не знаете како да решите некој проблем. И најдобрите програмери со повеќедецениско искуство не знаат да ги решат сите проблеми. Бил Гејтс не знае да реши милион проблеми, па сепак добро му оди во животот. Тоа е затоа што Бил Гејтс сфаќа дека е сосема природно да не знаете нешто. Значи, бидете како Бил Гејтс - признајте дека некогаш немате поим како да направите нешто и најверојатно ништо лошо нема да се случи.

5. Две глави (речиси секогаш) се попаметни од една

Ова е потенцијално решение на проблемите. Имајте го ова на ум дури и кога мислите дека задачата на која работите е таква што без проблем можете сами да ја решите. Консултирајте се со колега, прашајте, размислете двапати пред да направите некоја кардинална грешка што не сте ја забележале.

6. Добриот план штеди многу време и нерви

Роковите се чудовишта. Особено кога имате повеќе задачи и тогаш „одеднаш“ се случува да треба да напишете трилион линии кодови, коментари и да поправите еден тон багови. Туѓи. До вчера. Во тие ситуации посакувате да сте градинар кој ужива во аранжирањето цвеќиња или овчар на планина. Направете план на приоритети и држете се до него по секоја цена. Еден ден сами на себе ќе си кажете фала.

7. Врвен програмер се станува во слободно време

Кога ќе сфатите дека повеќе би сакале да развивате некој код или да решавате апстрактен проблем отколку да гледате филм, серија или да се видите со пријателите од средно, ви честитам, сте станале вистински програмер од популарните вицови. Дали тоа е добро за вашата кариера, приходи и знаење? Да, тоа е одлично. Дали тоа е добро за вашиот социјален живот? Не премногу. Изгледајте филм, излезете понекогаш со пријателите од средно. Не е толку страшно како што изгледа. Некои програмери пробале и за чудо преживеале.

8. Страста ја олеснува работата


Не, не мислам да најдете љубовница на работа, тоа би можело дополнително да ја отежне работата. Некои проблеми знаат да бидат толку тешки и да изгледаат нерешливо. Други се големи и бараат многу вложено време. Тука настапува вашиот однос кон програмирањето. Доколку го сакате тоа што го работите, тешко ќе се откажете само поради тоа што изгледа тешко. Исто така, нема да ве обесхрабрат ни илјада линии кодови бидејќи поминатата ноќ пред екранот за вас е благо нарушување на животниот ритам.

9. Најтешките проблеми ги создаваат најдобрите програмери

Сметам дека најголемиот напредок во знаењето го постигнав во неколку услови кога бев фатен во костец со проблемите кои беа такви што морав да ја променам целата парадигма на пристап. Таквите ситуации ме научија дека без оглед на нормализираните начини на решавање на проблемите, постојат уште безброј начини за кои не сум ни бил свесен дека можам да ги доведам до решение. Во тоа е убавината на оваа работа.

10. Работата го надвладува талентот

За десет години работа запознав многу талентирани програмери кои сега се занимаваат со сосема различни работи. Причината? Баш како што јас мислев дека дипломата е сѐ, тие мислеа дека талентот е доволен да можат на неговите крилја да летаат до пензија. Затоа сега се занимаваат со некои други работи за кои можеби не се толку талентирани, но сфатија дека мора вредно да работат за да можат да опстанат  во тие работи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија