До пред неколку години тој беше министер во Авганистан, но поднесе оставка поради корупцијата. Сега Сајед Садат заработува за живот во Германија како доставувач на храна со велосипед.
Шест часа дневно во текот на неделата и од пладне до десет часот навечер во викенди, Садат облекува портокалова јакна, зема голем ранец и доставува пици и друга храна.
- Нема срам во тоа. Работа си е работа - вели тој.
Повеќе од 200.000 Авганистанци побараа азил
Садат е еден од илјадниците Авганистанци што најдоа нов дом во Германија во последните години.
Од 2015 година и големиот прилив на мигранти од Сирија и Ирак, околу 210.000 Авганистанци побарале азил во Германија. Ова ги прави втора група по големина што бара заштита таму.
Со враќањето на талибанците на власт, Германија евакуира уште 4.000 Авганистанци од земјата, вклучувајќи ги и оние што работеа за НАТО и ЕУ.
Патувањето на Садат во Германија беше многу помалку драматично.
Фото: Screenshot/YouTube
Тој беше министер за комуникации во
авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднесе оставка затоа што повеќе не можел да ја толерира корупцијата во владата.
- Кога работев како министер, имаше голема разлика помеѓу блискиот круг на претседателот и мене. Тие гледаа само корист за себе, а јас сакав парите навистина да се потрошат за спроведување проекти - раскажува тој.
По оставката, тој се вработил како советник во авганистанскиот телекомуникациски сектор. Но, до 2020 година ситуацијата во земјата се влоши, па одлучи да си замине.
Садат има двојно државјанство, авганистанско-британско, но не може да се вработи по неговата струка во Британија, па затоа се одлучил за Германија, каде што видел повеќе можности за тоа.
Проблемот е што тој не зборува германски јазик, па затоа му било тешко да најде работа.
Планирал да го научи јазикот, но бил спречен поради пандемијата. Сега учи четири часа дневно, пред да се качи на велосипед и да разнесува храна за компанијата за достава „Лиферандо“.
„Знам дека ова е краткорочно“
Тој е платен по 15 евра на час, доволно за да ги покрие трошоците за живот и кирија од 420 евра месечно. Како што вели, не жали за одлуката да се пресели во Германија.
- Знам дека ова е краткорочно, додека не најдам друга работа - вели тој.
Со враќањето на талибанците на власт и повлекувањето на силите на НАТО од неговата татковина, тој верува дека во Германија му се отвора друга можност.
- Би можел да ја советувам германската влада за Авганистан бидејќи знам сѐ за Авганистан - вели тој.
„Не откажувајте се од Авганистан“
Тој признава дека никој од германските власти сѐ уште не го контактирал.
Смета дека талибанците можеби научиле за човековите и женските права од нивните грешки во минатото, но ја повикува меѓународната заедница да не се откажува од Авганистан, особено кога станува збор за економска поддршка.
Извор:
6yka.com
Фото:
Twitter