X
 11.08.2018 Наша тема

Семејството на Анита од Делчево спојува три континенти на студената Алјаска

Таа Македонка, тој Турчин, се вљубиле на студената Алјаска и решиле таму да останат. Приказната на Анита обединува три срца, три континенти и пет јазици


Дали би живееле во место каде што половина година е зима, на секој Први мај има снег, а на секоја прошетка во природа можете да сретнете гризли мечка која може да тежи и до половина тон? Селењето од топлата Македонија во студената Алјаска го прават најхрабрите, а меѓу нив може да ја вброиме 28-годишната Анита Василевска, сега веќе Чакан, од Делчево. Нејзиното семејство има необична приказна. Таа е Македонка, сопругот Турчин, се вљубиле на студената Алјаска и решиле таму да останат. Нејзината приказна обединува три срца, три континенти и пет јазици.



Четири од нив зборува Анита: мајчиниот македонски, англиски, шпански и албански, а учи и турски. Иако потекнува од град во кој речиси секој жител е етнички Македонец, таа решила да студира албански јазик. Вели дека одлуката ја донела зашто мислела оти тоа ќе биде перспективно во Македонија.

- Се запишав на Катедрата за албански јазик затоа што мислев дека познавањето на албанскиот јазик ќе има голема перспектива. И навистина, така е - може да им отвори многу врати на младите што добро го владеат – истакнува Анита.

Две свадби – во Енкориџ и во Делчево

Првпат заминала во САД кога била втора година на факултет. Во тоа време познавала многу студенти што веќе по два-три пати ја посетиле Америка. Поголем дел од нив се враќале со позитивни искуства, незаборавни моменти, нови пријателства и со „добра пара“. Заминала и таа. Во САД го запознала својот сопруг Умут. Анита вели дека тоа било љубов на прв поглед.
 
- Го запознав на студената Алјаска. Бев на свадба на мојата цимерка и таму сосема случајно седевме на иста маса. Тоа беше љубов на прв поглед. Правевме две свадби. Првата во Енкориџ, каде што денес живееме. Тука имаме многу пријатели и колеги од работа. Другата беше во моето родно Делчево, каде што беа поканети семејството на мојот сопруг и неговите другари. Дојдоа сите што беа поканети – раскажува таа.

Прошетка во националниот парк Денали

Анита и Умут ја имаат ќеркичката Сузан. Обајцата од различни земји, живеат во исклучително мултикултурна средина, па името на својата ќерка го избрале на емотивен и традиционален начин.

- Го избравме по името на мојата покојна свекрва Сузан. Верувам дека нашата ќерка ќе биде горда што го носи името на баба си. Јас не ја познавав мајката на мојот сопруг, но целата фамилија кажува само најубави зборови за неа – вели Анита.

Поради многуте заеднички елементи на македонската и на турската кујна, во семејството Чакан секој ден се готват „наши“ јадења. Од нивната кујна во Енкориџ редовно се чувствува мирисот на мусака, гравче, компир-манџа, пинџур.


Првиот фамилијарен Бадник

- Готвиме секој ден наши јадења. Лично не знам дали воопшто постои американска кујна. Овде, во нивните ресторани служат сѐ - пасти, пица, стекови, морска храна. Пастата и пиците имаат италјански имиња, десертите – француски. Американците обожуваат бургери, брза храна и чоколадни колачи – раскажува Анита.

Спектакуларни пејзажи, мусови, елени и мечиња

Ретко кој Македонец би можел од овие топли предели да се пресели во место каде што шест месеци од годината е сурова зима. Температурите одат далеку под нулата, невозможно е во дворот да се распали скарата за мајските празници.
 
- Има шест студени месеци. Од октомври до март е чиста зима. Најстудено е во декември, јануари и во февруари. Најтопло е во јули и во првата половина од август, ама не секој ден. На пример, денеска има 12 степени и е доста облачно. И така е веќе цела недела. Но, изминатите две седмици беше сончево и мирно, а температурата стигна до 22 степени. Зиме е многу ладно. Минатата зима температурата достигна до -27 степени и имаше многу снег, кој некогаш останува и до мај месец. Секоја година имаме снег на Први мај. Среќа, градот е мал и сѐ е блиску – живописно раскажува Анита.


Прошетка до глечерот Портеџ

Во домовите на жителите на Алјаска нема клима-уреди. Само парно за греење. Сепак, жителите на Енкориџ можат да уживаат во летата. Нема горештини. Ваквите временски услови во голема мера влијаат врз секојдневните активности. И ако преку зима не можете да излезете од дома, летата се создадени за уживање и за прошетки во природата.


На риболов во Хомер

Планинарењето е една од омилените активности на семејството Чакан. Сепак, треба многу да се внимава поради тоа што во планините околу Енкориџ има многу мечки.

- Секојдневието тука многу зависи од годишното време. Во лето секој слободен ден го користиме за некое кратко планинарење, скара во блискиот парк или возиме велосипеди. Има многу добри велосипедски патеки, со спектакуларни пејзажи и места за одмор. Планинарењето исто така е многу интересно, но и малку опасно. Во лето има многу мечки, па планинариме во поголеми групи. Мечките бегаат од врева и пискотници. Во зима повеќе време поминуваме дома - готвење, чистење, телевизија. Ретко одиме на кратка прошетка низ паркот, само ако е прооден. Обично зимата е многу ладна. Кога има услови, мојот сопруг вози велосипед и зиме – ако е исчистен снегот или нема силен ветар - раскажува Анита.

 
Возењето велосипед е една од омилените активности на фамилијата на Анита

Освен мечки, во Енкориџ може да се видат и други диви животни кои чувствуваат слобода да ви дојдат пред врата. Најчесто тоа се мусови и елени.

- Доаѓаат до градот речиси секој ден. Понекогаш може да ги видиш и пред зграда или куќа, или пред работното место. Кога одиме надвор од градот, обично гледаме мали мечиња, најчесто во зима - вели таа.

На прошетка во Гридвуд

Каде и да си, ако немаш блиска фамилија покрај тебе, тешко е

Иселувањето од родната земја воопшто не било тешко за Анита бидејќи пред да реши да живее во Алјаска веќе три пати била во САД, се враќала назад и имала план да се пресели.
- Најтешко ми беше за семејството. И ден-денес ми е многу тешко. Ние таму немаме никој од нашите фамилии - вели Анита.

Сепак, таа веќе има изградено кариера таму. Работи во еден од најголемите хотели во Алјаска и е задоволна од животот.

- Работам во „Хилтон“, сега сум директор на одделот за одржување. Почнав како помошничка, па ме унапредија во супервизор, потоа уште еднаш ме унапредија во асистент на директорот за одржување и сега пред некој месец ме поставија на местото директор - објаснува Анита.

За Велигден пред руската православна црква во Енкориџ

Како и да е, додава таа, живеењето далеку од своите воопшто не е лесно, особено ако од топлата Македонија се преселите во студената Алјаска, оставени сами на себе. Носталгијата е неизбежен дел од секојдневието.

- Сè ми недостига од Македонија. Најмногу фамилијата и другарите. Ми недостига храната, слободното дружење на градските улички, попладневно кафе со другарките или комшивките. Овде тоа го нема. Не ги ни знам соседите. Детето не можеш да го пуштиш на улица да си игра, премногу е ризично. Сите имаат по 2-3 работни места и никој нема време за кафе. Ако треба да завршиш некоја работа, нема на кого да го оставиш детето... си плаќаш бебиситер... секој сам се снаоѓа. Тешко е. Но, каде и да си, ако немаш блиска фамилија покрај тебе, тешко е. Среќна околност е што родителите имаат американски визи, па можат да доаѓаат почесто – вели Анита.


Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема