Во школото во селото Габрово има 16 деца. Кога наставничката Емилија Тричковска била ученичка, само нејзиниот клас имал 16 ученици. Но, кога татко ѝ бил основец, во класот биле 35 деца
Секој први септември има по еден клас помалку, наместо 190 првачиња, во клупите ќе седнат само 90... Многу празни столчиња, испразнети селски училишта во кои варосување на ѕидовите и понекоја донација од мебел се единствената инвестиција откако се направени... Вака накратко може да се опише состојбата во неколку делчевски подрачни училишта што ги посетивме.
Централното Основно училиште „Св. Климент Охридски“ блеска со својата убавина во централното градско подрачје во Делчево. Само по надворешниот изглед и архитектурата може да се забележи дека станува збор за стара градба. Училиштето е реновирано, модернизирано, има кабинетска настава, а реконструкцијата не ја нарушила неговата автентичност...
Секое дете би посакало да учи тука, но дали во иднина воопшто ќе има кој да шета по школските ходници? Иселувањето на младината од Делчево си го направи своето.
Село ли е без школо?
Во ова училиште секоја година има еден клас помалку... Списокот од Министерството за внатрешни работи за деца што треба да тргнат во прво одделение покажува дека има 190 деца. Но, од школото тврдат дека догодина ќе има само околу 90 првачиња. Другите ги нема... Заминале со своите родители барајќи подобро утре во некоја странска земја.
Проблемот со намалениот број ученици во Делчевско најмногу ги „удира“ селските училишта. Некои дури се затворени. Во нив се прават минимални инвестиции бидејќи не се знае кога ќе им се стави клуч. Варосување на ѕидовите, и тоа не секоја учебна година, сменет покрив ако протекува... Сите имаат полски тоалети надвор од училишната зграда, а просториите се греат на дрва.
- Село ли е без школо? Ако затвораш училиште, не го бидува веќе тоа село – ни вели жител на селото Стамер, четири километри оддалечено од Делчево.
Работа со само тројца ученици
За среќа, Стамер може да се пофали дека годинава има најмногу деца во школото во последните пет години. Ова е единственото село во чие подрачно училиште нема намален број на ученици. Сега се 13.
Во училницата на наставничката Гордана Никовска, која тука работи осум години, нѐ пречекуваат три синооки девојчиња кои личат едно на друго како „јајце на јајце“. Не се сестрички, но се најдобри другарки. Второ одделение се Теона и Софија, а трето е Елеонора.
Теона, Софија и Елеонора се најдобри другарки
- Работам само со три деца. Тоа има и предности и маани. На секое дете може да му обрнам многу внимание, ги следам како напредуваат и точно знам на кое што му треба. За нив, од друга страна, не е добро што се малку, нема компетитивност, нема натпревар меѓу нив. Но, на одмор се дружат со сите деца од другите одделенија. Ги носиме на натпревари, на манифестации – раскажува Никовска.
Училницата на овие три девојчиња е уредна и чиста, а на ѕидовите се закачени нивните креативни дела.
Училиштето е изградено по Втората светска војна. Нема поголема реконструкција оттогаш. Дел од мебелот е обезбеден од УНИЦЕФ и холандската амбасада. Подовите на училниците се стари штици, а на ходниците е цемент. Но е исклучително чисто.
- Старо е, ама се трудам да го одржувам чисто бидејќи се работи за здравјето на децата. Најтешко се одржуваат подовите – вели хигиеничарот.
Училиштето е старо, но посветено се одржува
Училиштето однадвор изгледа многу лошо. Излупени, влажни и крпени ѕидови, стари врати и прозорци. Покривот, за среќа, е сменет. Малку треба за учениците да добијат подобри услови, да се сменат подовите, вратите и прозорците и да се стави подобра изолација. А треба да се вложи бидејќи догодина ќе има пет-шест првачиња.
Училиштето во Стамер
Влегуваме и во училницата на наставничката Емилија Тричковска. И тука ги забележуваме истите услови за работа. Децата имаат надгледни средства за работа, училницата е уредна и накитена со многу дела на учениците. Ја делат четворица ученици од четврто и петто одделение - Андреа, Виктор, Благој и Марија.
Благој најмногу сака да учи природни науки и математика, а другите ученици со гордост ни ги покажаа цртежите по ликовно.
- Учат, се трудат, навистина се добри ученици. Училиштето е навистина старо, но со љубов и голема посветеност го одржуваме – вели наставничката Тричковска.
Таа е од село Габрово, три километри оддалечено од Делчево. Таму во школото има 16 деца. Кога таа била ученичка, само нејзиниот клас имал 16 ученици. Но, кога татко ѝ бил основец, во класот биле 35 деца.
Децата со гордост ни ги покажаа цртежите
Наставничката Емилија Тричковска
Учителката Стојна 37 години е во просвета
Стамерското училиште годинава може да се пофали со шест првачиња. Ги учи наставничка која може да им биде баба. Стојна Стојменовска е просветна работничка 37 години. Работела во седум училишта. Тука е од оваа учебна година.
- Кога пак би избирала работа, повторно би била учителка – вели гордо Стојменовска.
Стојменовска пак би избрала да биде учителка
Таа сака да работи со деца. Има внучиња на иста возраст како нејзините шест првачиња, па вели дека воопшто не ѝ е згасната жарта за држење настава. Децата ја инспирираат и ја одржуваат среќна. При нашата посета две од првачињата беа отсутни.
- Имам 59 години, за некоја година одам во пензија. Многу промени се случија во образованието, но успеав да се снајдам и еве до самиот крај на работниот век сѐ уште да си ја сакам професијата – вели Стојменовска.
Михаил, Кате, Матеј, Синиша, Матеј и Андреј за време на паузите си играат со количките кои учителката им ги чува на прозорецот.
- Деца се сѐ уште, не треба да им се скратува играта, па јас им дозволувам за време на паузата да бидат само деца - вели учителката на првачињата.
Првачињата се вредни
Количките и играчките ја чекаат паузата, за да паднат во рацете на дечињата
Стојменовска е родена во ова село и учела во ова исто училиште. Вели дека воопшто не е променето, истите ходници и училници. Но, тогаш имало многу повеќе деца. Ја враќаме малку низ спомените.
- Во цело школо имавме само еден наставник и 42 деца. Имавме комбинирана настава. Подоцна нѐ поделија во две училници. Убави спомени имам, имавме безгрижно детство, помалку имавме за учење – вели таа.
Учениците од ова училиште после шесто одделение одат да учат во селото Град, каде што има предметна настава. Сите се надеваат дека масовното иселување од овој крај нема да го затвори и ова школо.
Ходникот на училиштето