X
 13.10.2018 Живот

Осудена зашто ги озборувала соседите

Во бизарен судски процес кој се водел во Општинскиот суд во Бјеловар, Хрватска, една 56-годишна жена од мала населба во градот Гарешница е осудена поради посрамотување на своите соседи. Судот ја осудил пензионерката на условна парична казна од 5.000 куни (околу 670 евра), која нема да се изврши ако обвинетата во рок од една година не направи ново казнено дело.

Иван и Ѓурѓица, кои живеат во Германија, тужбата против сосетката Марица, со која веќе подолго време имаат нарушени односи поради нерешени имотни прашања, ја поднеле кон крајот на март 2013 година.

Во тужбата тие навеле дека кон крајот на 2012 година, кога се вратиле од Германија, соседите и роднините ги известиле дека нивната сосетка ги клевети и зборува грди работи за нив. Во рамките на судскиот процес судот сослушал седуммина сведоци и извршил голем број други постапки и утврдил дека нивната тужба има основа.

При судењето сведоците потврдиле дека Марица во една пригода во 2012 година пред нивните соседи и познајници изјавила дека Иван и Ѓурѓица не знаат што прават, а неколку месеци подоцна рекла дека изгубиле сè и дека нема веќе што да прават во Хрватска и дека може да се соберат и да одат да живеат во Германија.

Брачниот пар исто така истакнал дека на почетокот на 2013 година ја сретнал сосетката во една продавница во моментот кога купувал храна за кучето и таа при излегувањето од продавницата пред две жени и еден маж со прст покажала кон нив и велела дека се луѓе што јадат кучешка храна. Тие рекле дека поради тие навреди и клевети, веќе не можат да одат во продавницата затоа што им е срам. Додале и дека поради сето тоа што Марица го зборувала за нив, се чувствуваат понижено и потиштено и дека секојпат кога ќе се вратат во Хрватска, пријателите и познајниците ги прашуваат што се случува со нив и со Марица, поради што исто така се срамеле.

Обвинетата во својата одбрана навела дека не се смета за виновна и дека никогаш не го кажала тоа за што е обвинета бидејќи тие зборови ги немало во нејзиниот речник и не им ги кажува никому, па дури ни на животните. Таа истакнала и дека случаите за кои сведочеле сведоците навистина се случиле, но дека сведоците не ги кажувале вистинските зборови што таа ги кажувала за обвинителите. Обвинетата не сакала да одговара на прашања, дури ни на оние поставени од страна на нејзината одбрана.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот