X
 18.04.2019 Наука

Грци и Турци им го пренеле фармерството на Британците пред 6.000 години

Бран мигранти од сегашна Грција и Турција пристигнале во Британија пред околу 6.000 години и во суштина го замениле постојното население, кое се занимавало претежно со лов и собирање, се наведува во студија објавена во списанието „Нејчр“.

Научниците испитувале примероци од антички остатоци, кои датираат дури и од 8.500 година пр.н.е., и утврдиле дека темнокожните трагачи што ги населувале британските острови уште од последната ледена доба оставиле малку траги во генетичкиот запис по транзицијата кон фармерството, сугерирајќи дека немало многу мешање со новодојденците, кои пристигнале околу 4.000 година пр.н.е.

Колку за споредба, истите егејски мигранти се мешале со локалното население кога го вовеле фармерството во континентална Европа околу илјада години порано, покажаа претходни испитувања на ДНК.

- Тешко е да се каже зошто е така, но можно е причината да е тоа што последните британски ловци-собирачи биле во релативно мал број. Дури и ако овие две популации се измешале целосно, способноста на вештите континентални фармери и нивните потомци да одржуваат помногубројни популации со текот на времето би предизвикала значително опаѓање на бројот на потомци на ловците-собирачи - истакнува Марк Томас, професор по еволутивна генетика, кој воедно е и коавтор на студијата.

Истражувачите од Британија и од САД утврдиле дека остатоците од британските фармери биле генски слични со оние откриени на териториите на денешна Шпанија и Португалија, посочувајќи дека оваа популација патувала од исток кон запад преку Медитеранот и потоа во Британија.

Впечатливо е тоа што новодојденците изгледа пристигнале првин на западниот брег, пред да се прошират на други делови од Британија, сугерирајќи дека не го преминале каналот, туку оделе по подивата рута низ Атлантикот.

Според Карлес Лалуеза-Фокс од Институтот за еволутивна биологија во Барселона, Шпанија, откритијата се совпаѓаат со она што е познато за ширењето на мегалитските структури по должината на атлантскиот брег на Европа. Можеби најпознатата таква структура е Стоунхенџ во Британија.

Во трудот Томас и неговите колеги ги забележуваат и значителните варијации во нивото на пигментација во Европа во текот на каменото време, што се покажало од генетичките примероци што тие ги испитувале.

Додека британските ловци-собирачи (вклучувајќи го и најстариот познат Британец - оној од Чедар) веројатно имале сини или зелени очи и темна или дури и црна кожа, фармерското население што мигрирало преку Европа се верува дека имало кафеави очи и темна до среднотемна кожа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука