X
 31.01.2019 Економија

Македонија 33. во светот според индексот на економски слободи

Македонија е рангирана на 33. место во светот, а на 17. во Европа според индексот на економски слободи за 2019 година што го изработува фондацијата „Херитиџ“.

Во извештајот се наведува дека Македонија и натаму е макроекономски стабилна земја, а на домашните економски перформанси влијаела политичката криза. Како главни забелешки се посочуваат нивото на сивата економија, што опфаќа меѓу 20 и 45 проценти од БДП, непродуктивните јавни трошоци, како и тоа дека постои законска рамка, но има слабост во имплементацијата. Потребни се и структурни реформи кои ќе се насочат на борбата против корупцијата и гломазната администрација.

Македонија е најдобро рангирана од земјите во регионот. По неа се Бугарија на 37., Косово 51., Албанија 52., Словенија 58., Србија 69., БиХ 83., Хрватска 86., Црна Гора 92. и Грција 106. место.

Земји со најголеми економски слободи се Хонг Конг, Сингапур, Нов Зеланд, Швајцарија и Австралија, а најлоши се Зимбабве, Конго, Еритреја, Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Со извештајот на „Херитиџ“ се опфатени 180 држави во светот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија