X
 11.08.2020 Здравје

Три големи научни контроверзии за коронавирусот

Политичарите ги затвораат границите за да го спречат ширењето на коронавирусот, но научниците соработуваат како никогаш досега. Сепак, коронавирусот е нов и сè уште не се знае многу за него. Затоа, како што се добиваат нови научни податоци, така треба да се менува нашиот пристап. Во моментов има теми поврзани со коронавирусот за кои научниците не се согласуваат.

Маски за лице

Новиот коронавирус се шири преку капките што се исфрлаат преку кашлањето, кивањето и зборувањето. Маските за лице се задолжителни во многу земји за да се намали ширењето на коронавирусот. Сепак, се води дебата помеѓу некои научници за ефикасноста на маските за лице во намалувањето на ширењето на Ковид-19.

Има истражувања кои покажуваат дека заштитата за лице помага во намалувањето на пренесувањето на Ковид-19 доколку се користи масовно на места на кои не може да се одржи физичко растојание. Но науката е комплицирана. Маската за лице нема да го заштити лицето што ја носи од вдишување мали честички во воздухот, со што може да се пренесе коронавирусот.


Фото: Freepik

Друго истражување покажува дека носењето маска може да даде лажно чувство на сигурност, односно лицето може да игнорира други мерки за безбедност додека ја носи маската. Освен тоа, некои истражувачи тврдат дека коронавирусот се пренесува и преку очите. Светската здравствена организација предупредува дека маските може да бидат контрапродуктивни доколку не се одбегнува допирање на лицето со рацете кои може да бидат заразени.

Затоа, некои научници бараат повеќе докази за ефикасноста на маските за лице. Сепак, многу научници сметаат дека треба да користиме маски за лице иако нема цврсти докази за нивната ефикасност.

Имунитет

Имунолозите напорно работат за да дознаат повеќе за имунитетот на Ковид-19. Многу истражувања се фокусирани на антитела кои го неутрализираат коронавирусот и спречуваат заразување. Одредени истражувања покажале дека имунитетот со антитела е силен неколку недели по заразувањето, но потоа тој ослабува.

Истражување од Кина покажува дека антителата кај лицата што го прележале коронавирусот се намалуваат во период од два до три месеци по заразувањето. Ова остава сомнеж за тоа дали луѓето може да добијат долготрајна заштита од вирусот. Со тоа се отвора прашањето дали е можно да се создаде вакцина со долготраен имунитет.


Фото: Freepik

Многу научници сметаат дека антителата се клучот за имунитетот, но некои тврдат дека играат улога други имунолошки клетки наречени Т-клетки, познати и како антигени. Тие може да бидат програмирани да се борат против исти или слични вируси во иднина. Истражувања покажуваат дека овие клетки создале имунитет кај многу пациенти заболени од Ковид-19.

Неодамнешно истражување спроведено во Шведска открива дека многумина што имале слаби симптоми или воопшто немале симптоми, а биле заразени со Ковид-19, имале имунитет создаден со антигени наместо антитела. Авторите на истражувањето сметаат дека пациентите без симптоми може да имаат ваков имунитет, но сè уште не е јасно како ова функционира и колку долго трае овој имунитет.

Доколку ова е точно, тоа може да значи дека колективниот имунитет на Ковид-19 е поголем отколку што тоа го покажуваат тестовите за антитела.

Број на заразени лица

Известувањето за случаите на коронавирус се разликува низ светот. Во некои региони официјалните податоци покажуваат дека се заразиле помалку од 1% од населението, додека други велат дека биле заразени над половина од жителите.

Кога станува збор за тестирањето, научниците користат еден од два пристапи. Тие тестираат група луѓе во населението за присуство на антитела и директно ги забележуваат овие броеви или предвидуваат како вирусот се ширел помеѓу населението преку математички модели. Овие методи даваат различни процени.


Фото: Freepik

Според истражување спроведено од Универзитетот во Торонто, процентот на заразени лица варира од земја до земја според податоци од тестови на крв. Сè уште не се знае зошто процентот се разликува низ светот. Може да има разлики поради возраста на жителите, здравјето или начинот на ширење помеѓу населението, а можеби играат улога и мерките за контрола на ширењето на коронавирусот. Разликата може да биде и поради различните тестови за антитела.

Тестирања за антитела покажуваат дека само 14% од луѓето во Велика Британија ја прележале болеста, во споредба со 19% во Шведска и 3% во Јемен. Но во овие тестирања не се вклучени тестирања за антигени, што значи дека процентите може да бидат поголеми. Сепак, сето ова останува тема за дискусија.

Автор. Клинт Вичалс
Извор: theconversation.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје