X
 02.05.2020 Наша тема

Петра Јанеска од Гостивар - дипломирала со просек 10 во Словенија, сега работи во Ковид-центарот во Марибор

Откако ги завршив додипломските студии, веднаш се вработив бидејќи како студент добив награда и признание за најдобар практикант. Не чекав оглас за вработување, директно ги контактирав надлежните во Универзитетскиот клинички центар и со дипломата в раце се упатив кај нив, раскажува Петра, дипломирана медицинска сестра, која сега е на магистерски студии

За гостиварката Петра Јанеска (25) работата како медицинска сестра во Ургентниот центар Ковид-19, во Универзитетскиот клинички центар во Марибор, Словенија, е голем предизвик. Вели дека со насмевка оди и се враќа од работа, иако темпото е многу динамично и стресно. Со својот тим работи од 8 до 12 часа на ден, надвор, на различни временски услови. Јанеска ги завршила студиите во Словенија со просек 10. Истиот просек го зачувала и на магистерските студии, кои се во тек. Автор е и на повеќе трудови за деца со посебни потреби. Во интервјуто за Факултети.мк раскажува како се борат со коронавирусот медицинските лица во оваа земја.


Петра Јанеска

Од појавата на коронавирусот во Словенија Вие сте на првата борбена линија како дел од тимот на „Ургентен центар Ковид- 19“ во Универзитетскиот клинички центар во Марибор. Која е Вашата задача?

- Бев распоредена за работа во „Ургентниот центар Ковид-19“, односно единствената влезна точка во клиничкиот центар. Ние ја правиме основната тријажа на пациентите што доаѓаат. За секој пациент треба да определиме дали спаѓа во таканаречената сива зона, делот каде што им нудиме итна помош на тие што се сомневаме дека се заболени од коронавирус или веќе е потврдено дека го имаат. Или, пак, во белата зона, делот каде што ги прифаќаме пациентите што немаат симптоми на коронавирус. Нашата работа е прво да определиме каде припаѓаат пациентите, со исполнување на еден прашалник кој е водилка и мерило за одредување дали има сомнеж за заболување или не. Потоа нудиме итна помош.
Се зема брис за утврдување, крв и сѐ што е потребно. Пациентите што се со симптоми на Ковид-19 ги задржуваме и нудиме помош сѐ додека не добиеме резултати. Дотогаш ги третираме исто како да се веќе заболени и работиме со посебна заштитна опрема. Откако ќе ги добиеме резултатите, пациентите што се негативни ги упатуваме на одделот каде што треба да се лекуваат, а ако се позитивни, во зависност од тоа колку им е критична состојбата, ги хоспитализираме во одделот за ковид-пациенти. Или, пак, ако нема доволно причини за хоспитализација и се негативни, ги отпуштаме дома, откако здравствената состојба ќе им се нормализира. Ние сме голема екипа составена од доктори, сестри и болничари и секој е распределен на посебни точки за работа, за да не доаѓа до застој и поголема тензија.


Ние сме голема екипа составена од доктори, сестри и болничари
  Фото: Универзитетски клинички центар во Марибор

Колку симптоми се доволни за да се посомневате дека пациентот е инфициран со коронавирус. Како се одвива процедурата за утврдување?

- Прво на инфо-точката ги земаме основните податоци на пациентот. Мериме температура и ако има покачена телесна температура, веќе исполнува еден од критериумите. Потоа следуваат прашањата, дали во последните неколку дена имал висока температура, дали кашла, дали има болки во пределот на градниот кош или грлото, исцедок од носот, кива... Со кого живее и дали некој од семејството е болен. Дали бил во контакт со некој што е веќе заболен од вирусот. Дали патувал некаде во последниот период и каде. Треба да има барем два од наведените симптоми за да се третира како сомнителен на коронавирус. Сепак, за сето тоа одлучуваме со меѓусебна консултација.

Кој случај би го одвоиле како најнетипичен за вирусот?

- Во почетокот имавме пример каде што една пациентка дојде поради болки во бубрезите и мочниот меур. Малку поткашлуваше. Ни кажа дека работела во една од големите фабрики, за која дотогаш немавме точни информации дали има заболени од вирусот. Се одлучивме да ја третираме како сомнителна на ковид и беше примена во еден од шаторите. Излезе дека има силна уринарна инфекција, но и дека е позитивна на вирусот. Значи, имаше само еден од наведените симптоми, а беше позитивна.


Петра со колега
Фото: Универзитетски клинички центар во Марибор

Дали шаторите се импровизирана болница, дали и таму се сместуваат заболените пациенти од Ковид-19?


- Шаторите не се поставени со намена за хоспитализирање на пациентите, туку за нивно брзо и сигурно тријажирање. Во нив ги сместуваме пациентите за кои има сомнеж дека се заразени за вирусот или веќе имаат потврдено заболување. Во нив се сместени сѐ додека не добиеме резултати од земениот брис. Дотогаш им се нуди итна помош и се прави најпотребната дијагностика. Во зависност од резултатот и нивната здравствена состојба, ги насочуваме каде што е потребно, што значи дека тие се само неколку часа во шаторот. Ние сме главната точка и екипа што носи огромна, ако не и најголема, одговорност. Затоа и сме именувани како прва борбена линија.


Фото: Универзитетскиот клинички центар во Марибор

Како изгледа еден Ваш работен ден?

- Морам да признаам дека не е баш најлесно и секој ден е нов предизвик. Прво психичката подготовка е најважна, затоа што самото темпо е многу динамично и стресно. Работиме од 8 до 12 часа на ден. Се трудам да бидам топло и комотно облечена под униформата, со оглед на тоа дека работиме надвор на секакви можни временски услови. Кога доаѓам на работното место, се распределуваме кој каде ќе работи и претходната екипа нѐ информира колку пациенти имаме, причината поради која се тука и уште која дијагностика треба да се направи. Потоа започнуваме со работа. Откако завршуваме со нашата смена, имаме можност да се пресоблечеме и да се истушираме пред да заминеме дома. Работам со супер тим каде што владее само позитивна енергија, што е најбитно. Секој нов ден тргнувам и се враќам од работа со насмевка, затоа што таа и убавиот збор се половина здравје во ова време.

Трагите од маските и визирите на лицето на Петра

Работната облека - маски, очила, ракавици - остава печат на Вашето тело, особено на лицето. Колку часа во денот ја чувате на себе. Има ли персоналот доволно заштитен материјал?

- Работата со таква опрема на себе не е нималку лесна. Пред сѐ, мора да биде цврсто затегната. Поради тоа и имаме последици и траги на кожата на лицето, а и силни главоболки поради самиот притисок и цврстината. Приближно сме по 4 часа, некогаш и повеќе со опрема, во зависност од потребите. Потоа се менуваме. Персоналот има доволно заштитна опрема и голема благодарност до нашиот директор и сите одговорни лица што се задолжени за нашата заштита.

Работата со опремата на себе не е нималку лесна
Фото: Универзитетски клинички центар во Марибор

За жал, според информациите од повеќе земји, голем дел од медицинскиот персонал се во изолација или заразени од вирусот, а некои завршуваат фатално. Каква е ситуацијата со здравствените работници во Словенија?


- За среќа, Словенија воспостави строги мерки за нас како медицински персонал, нѐ снабди и нѐ заштити. Се надевам дека така и ќе остане. До 21 април беа направени 44.435 тестирања, позитивни се 1.364, од кои 284 се здравствени работници. Затоа, пред сѐ, најважно е да се почитуваат дадените мерки за заштита. Како вработена во тој дел, го почитувам начинот на работа таму, но и останатите мерки кога ми завршува работното време. Не комуницирам и избегнувам физички контакт со други лица за да се заштитам себеси и сите околу мене. Одам во маркет по храна кога е најпотребно, а не секој ден.

Кои мерки и препораки за борба со коронавирусот ги презеде Владата на Словенија?

- Законските мерки и препораки се следни: забрането е да се собира поголема група луѓе на јавни места. Забрането е да се возиме и да одиме во друга општина, освен ако немаме добра причина, на пример, работиме во друга општина. Затворени се голем дел од јавните установи. Прекина со работа јавниот превоз. 3атворени се сите угостителски објекти, фризерски и козметички салони, кина, продавници, освен маркетите за храна. Но, на 20 април почнаа со работа продавниците за градежен материјал и за мебел, салоните за автомобили и велосипеди, продавниците за хемиско чистење. А од 4 мај ќе бидат отворени продавници што се големи до 400 м2 , фризерски салони и козметички и салони за животни. Секој ден од 8 до 10 наутро право и предност во сите продавници имаат инвалиди, постари од 65 години и трудници.

Секоја зграда мора секојдневно да се дезинфицира со средство за дезинфекција. Мора да се носат маски и ракавици во секоја продавница и да се држиме на растојание од 2 метра еден од друг.

Фото: Универзитетскиот клинички центар во Марибор


Завршивте Факултет за здравствени науки во Марибор. Кога се роди љубовта кон медицината?

- Отсекогаш бев темпераментна и знаев што сакам да бидам во животот. Мојот покоен дедо, д-р Бранислав Јаковлески, специјалист пулмолог и долгогодишен директор на Гостиварската државна болница, е мојот идол и причината за желбата кон медицината. По завршувањето на средното образование се запишав на Медицинскиот факултет во Скопје, но истовремено поднесов молба за прием на два факултета во Словенија. Едниот беше Медицинскиот факултет, а другиот Здравствени науки. Тешко е на 18 години да го спакуваш животот во неколку куфери и да си заминеш во непознат правец, далеку од родителите и двајцата браќа. Но, без нивната поддршка никогаш не би стигнала дотука. Ја одбрав Словенија зашто е најблиску до мојот дом, а словенечкиот јазик е од словенската група јазици, што автоматски значеше дека брзо ќе го совладам.

На двата факултета имаше по две празни места за странци од целиот свет. Ме примија и на двата. Го избрав факултетот за здравствени науки и не се каам за мојата одлука. Ми се чинеше примамливо. Факултет за дипломирани медицински сестри е нешто поинакво, а во Македонија табу-тема во тоа време.

Во шаторите не се сместуваат пациенти
Фото: Универзитетскиот клинички центар во Марибор


Првата година ми беше многу тешко. Морав да го совладам јазикот за три месеци и да положам државен испит на Филолошкиот факултет во Марибор, пред комисија. Успеав да ги положам сите испити, да ги завршам сите 3 години во дадениот рок со просек 10. Бев учесник и во многу проекти и натпревари. Во последната година од школувањето напишав труд во областа на психијатријата и педијатријата, односно за децата со посебни потреби, кој влезе во делот на Книгата за здравствени науки. Учествував на конференцијата за најдобрите студенти. Најмногу им се посветувам на децата со церебрална парализа и пречки во развојот. Дел сум од организацијата СОНЧЕК за лица со посебни потреби и церебрална парализа. Секое лето се вклучувам како придружник и одговорно медицинско лице за децата во тие групи, кои поминуваат една недела на море.



Во моментов сте на магистерски студии. Кои се Вашите планови?


- Откако ги завршив додипломските студии, веднаш се вработив бидејќи како студент добив награда и признание за најдобар практикант. Не чекав оглас за вработување, директно ги контактирав надлежните во Универзитетскиот клинички центар и со дипломата в раце се упатив кај нив. За кратко време почнав со работа на невролошкиот оддел. Паралелно продолжив како редовен студент на магистерските студии за здравствени науки. И сега имам просек 10. Ќе се потрудам така да остане зашто планирам да продолжам на докторски студии. Во меѓувреме пишувам нов труд за натпреварот ,,Деканова награда“ поврзан за децата со церебрална парализа. Признавам дека е напорно да си вработен редовно и да студираш како редовен студент. Но, сѐ се може ако се сака. Го сакам тоа што го студирам и тоа што го работам.


И на магистерските е со просек 10, а планира и докторски студии

Кои се обврските на дипломирана медицинска сестра?

- Јас сум носител на тимот за здравствена нега. Таа што планира каде, што и како ќе се работи. Секое посегнување во човечкото тело е моја компетенција. Средните сестри се одговорни за негата на пациентите. Јас сум таа што го прави планот на работа и сум му десна рака на докторот. Одговорна сум за терапијата што се спроведува и се дава. Пред неколку месеци започнав и со уведување во ЕЕГ, што ми е голема чест. Но, со моменталната епидемија, сето тоа сега е на пауза.
Подготвил: Соња Алексоска Неделковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема