Се очекува научниците денеска да ја откријат првата фотографија од црна дупка, чекор напред во астрофизиката, со што ќе се добие увид во овие небесни чудовишта со гравитациони полиња толку интензивни што не може да избега ниту материја ниту светлина.
Националната научна фондација на САД закажа прес-конференција во Вашингтон за да објави важен резултат од проектот „Ивент Хорајзон телескоп“, меѓународно партнерство формирано во 2012 година, за да се обиде директно да го набљудува непосредното опкружување на црната дупка. Симултани конференции се закажани во Брисел, Сантјаго, Шангај, Тајпеј и Токио.
Хоризонтот на настани на црната дупка, едно од најнасилните места во вселената, е точка од која нема враќање, во која ѕвездите, планетите, гасот, прашината, сите форми на електромагнетно зрачење вклучувајќи ја и светлината се неповратно вовлечени.
Додека научниците вклучени во истражувањето одбиле да ги откријат наодите пред официјалното соопштение, јасно ги искажале нивните цели.
Фото: REUTERS/NASA/JPL-Caltech/Handout/File Photo
- Станува збор за визионерски проект што ја направи првата фотографија од црна дупка. Во соработка сме со повеќе од 200 луѓе на меѓународно ниво - изјави астрофизичарот Шеперд Долеман, директор на телескопот „Ивент Хорајзон“ во Центарот за астрофизика „Харвард и Смитсонијан“.
Прес-конференцијата е закажана за денеска во 13 часот.
Истражувањето ќе го тестира научниот столб - теоријата за општа релативност на физичарот Алберт Ајнштајн, според астрофизичарот Димитриос Псалтис, научник на проектот „Ивент Хорајзон“. Теоријата, изнесена во 1915 година, имала цел да ги објасни законите на гравитацијата и нивната врска со другите природни сили.
Истражувачите насочија две супермасивни црни дупки.
Првата наречена „Стрелец А“ се наоѓа во центарот на нашата галаксија Млечен Пат, поседувајќи 4 милиони пати поголема маса од нашето Сонце и се наоѓа на 26.000 светлосни години од Земјата. Светлосната година е далечината што светлината ја патува во една година, 9,5 билиони километри.
Втората е наречена „М87“ - се наоѓа во центарот на соседната галаксија Девица А, со маса 3,5 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето и се наоѓа на 54 милиони светлосни години од Земјата.
Црните дупки, кои доаѓаат во различни големини, се извонредно густи елементи формирани кога масивни ѕвезди се распаѓаат на крајот од нивниот животен циклус. Супермасивните црни дупки се најголемиот вид, јадат материи и зрачење и веројатно се спојуваат со други црни дупки.
Псалтис ја опишува црната дупка како екстремна изобличеност во просторот, термин што се однесува на трите димензии на просторот и една димензија на времето споена во единствен четиридимензионален континиум.
Долеман рече дека истражувачите на проектот ги добиле првите податоци во април 2017 година од глобалната мрежа на телескопи. Телескопите што ги собрале првичните податоци се наоѓаат во САД, во Аризона и на Хаваите, како и во Мексико, Чиле, Шпанија и Антарктикот. Подоцна во мрежата биле додадени и Франција и Гренланд.
Исто така, научниците ќе се обидат да ја детектираат динамиката во близина на црната дупка како орбита на материјата со брзина блиска до светлината пред да биде проголтана во заборав.
Фактот што црните дупки не ѝ дозволуваат на светлината да избега прави тешко да се забележат. Научниците ќе бараат прстен на светлина - зрачење и материја што кружи со огромна брзина на работ на хоризонтот на настанот - околу еден регион на темнина што ја претставува вистинската црна дупка. Ова е познато како сенка на црната дупка или силуета.
Ако е точна Ајнштајновата теорија, треба да овозможи исклучително прецизно предвидување на големината и формата на
црната дупка.
- Формата на сенката ќе биде речиси совршен круг во Ајнштајновата теорија. Ако пронајдеме дека е различна од онаа што ја предвидува теоријата, тогаш се враќаме на почеток и велиме: „Очигледно нешто не е точно“ - вели Псалтис.