Пазарот на недвижности постојано расте насекаде низ светот. Во нашиот регион, особено на туристичките места, многумина гледаат на недвижнините како на инвестиција, а цените се разликуваат драстично од држава до држава.
Во Албанија цените се движат од 700 евра по квадратен метар па нагоре, додека на хрватскиот брег би можеле да платите над 2.500 евра за еден квадратен метар. „Србија Данас“ направила споредба помеѓу цените на недвижностите на туристичките места во земјите од регионот.
Црна Гора
Цените за еден квадратен метар на црногорскиот брег се движат над 1.500 евра. Може да се најдат станови од 30-на квадратни метри за 46.600 евра во Будва, на оддалеченост од 400 метра од плажа. Во Бар, апартман од 33 квадратни метри во нова зграда со поглед на море може да чини околу 59.000 евра.
Цените се повисоки во Херцег Нови, каде за стан од 39 квадратни метри во нова зграда треба да се издвои 96.800 евра. Но, оваа цена се однесува на стан во комплекс со уреден отворен паркинг, базен и двор, како и приватна плажа.
Фото: Будва/Pixabay
Грција
Цените на становите во Грција се движат од 1.000 евра по квадратен метар нагоре. Стан од 45 квадратни метри на Халкидики се продава за оваа сума. Може да се најдат пристапни домови. Комплетно реновирана куќа, иако ненаместена, на 200 метри од плажа, на Халкидики се продава за 51.000 евра.
Од друга страна, на Неа Флогита се продаваат и наместени станови од 32 квадратни метри за 50.000 евра.
Турција
Во Турција, за еден стан од 36 квадратни метри, на околу 700 метри од морето, треба да се издвои 35.000 евра. Стан во центарот на Аланија, со големина од 38 квадратни метри, чини 1.526 евра по квадратен метар.
Албанија
Во случајот со Албанија, цените на недвижностите се исклучително поволни. Најмногу недвижности се продаваат во Саранда, Влора, Драч или Дерми, а цените се движат од 700 евра до 2.500 евра по квадратен метар, во зависност од самиот стан и локацијата.
Фото: Албанија/Pixabay
Стан од 30 квадратни метри во Саранда, на 100 метри од плажа, чини 900 евра по квадратен метар, односно 27.000 евра. Стан од 35 квадратни метри во Влора, на 15 километри од центарот на градот и на помалку од 100 метри од плажа се продава за 25.550 евра, односно 730 евра по квадратен метар.
Хрватска
Цените на недвижностите се највисоки во Хрватска. На Хвар, еднособен стан од 39 квадратни метри, на 300 метри од плажа, чини 130.000 евра, односно 3.333 евра по квадратен метар.
Во Ровињ, стан од 30 квадратни метри на околу 200 метри од плажа чини 95.000 евра или 3.275 евра по квадратен метар. Во Пула, стан од 25 квадрати чини 55.000 евра.
Извор:
Srbija Danas