X
 11.08.2024 Живот

Трудниците и постарите од 60 години ослободени од работа - Владата донесе мерки поради топлотниот бран

По информациите за нов силен топлотен бран, Владата на денешната седница донесе мерки за превенција, кои ќе траат три дена - од утре до среда.

Согласно ова, Владата соопшти дека се донесени следните мерки:

1. Се ослободуваат од работни обврски најранливите групи на населениението: бремените жени и лица на возраст над 60 години во периодот од 12.8.2024 до 14.8.2024 година (понеделник, вторник и среда). Во истиот период, Владата препорачува работодавците да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

2. Со оглед на тоа што одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

3. Во установите за згрижување деца (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

4. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.

Во меѓувреме, од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека под влијание на многу топла воздушна маса од југ, од утре (12.08) до крајот на седмицата времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Особено топло ќе биде до среда, кога дневната температура наместа ќе надминува 40°C и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

Сепак, од УХМР велат дека покрај високите температури од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот