Во последните месеци ширум САД сè повеќе луѓе ги уништуваат или онеспособуваат надзорните камери на компанијата „Флок сејфти“.
Во северниот дел на сојузната држава Њујорк камерите се сечат со електрични пили, во Окленд, Калифорнија, се полеваат со боја, додека во Ајдахо еден човек со камион удрил во една од камерите. На Флорида, пак, еден жител секојдневно седи на столче и со картон го попречува погледот на камерата.
Истовремено, одделни градови, меѓу кои Форт Колинс, Јуџин, Медисон, Ноксвил, Сиракуза и Вола Вола, ги исклучија камерите или го раскинаа договорот со компанијата.
„Флок“ своите камери ги претставува како алатка за борба против криминалот. Нивниот систем го бележи и анализира она што поминува покрај камерите, а полицијата користи огромна база на регистарски таблички и други податоци за возилата за да го следи нивното движење или да ги реконструира настаните за време на истрагите.
Компанијата наведува дека ширум САД има околу 120.000 камери за автоматско отчитување на регистарските таблички и ПТЗ-камери, кои секој месец прибираат десетици милијарди податоци. Поради нивната меѓусебна поврзаност, полицајците од една сојузна држава може да бидат известени кога возилото што го бараат ќе се појави во друга држава.
Меѓутоа, паралелно со ширењето на мрежата од камери расте и отпорот кон нив. Противниците доаѓаат од речиси сите политички табори – од локални политичари до обични граѓани. Многумина сметаат дека камерите претставуваат сериозно нарушување на приватноста и граѓанските слободи. Едни предупредуваат дека станува збор за кршење на личните права, додека други сметаат дека надзорот води кон полициска држава.
Генералниот директор на компанијата „Флок“, Гарет Ленгли, ги отфрла тврдењата дека граѓаните мора да избираат меѓу безбедноста и приватноста. Тој смета дека е можно да се има и едното и другото, но компанијата во последните месеци се соочува со бројни критики. Полицајци во одделни случаи го користеле системот за следење поранешни партнери и колеги, додека новинарите открија дека камерите може да следат и луѓе, и покрај претходните тврдења на компанијата дека бележат само возила.
Сето тоа дополнително ги поттикна граѓаните да се организираат против камерите. Десетици уреди се уништени, а на социјалните мрежи многумина отворено ги поддржуваат сторителите. По апсењето на маж од Западна Вирџинија, осомничен за уништување на неколку камери, голем број корисници на Фејсбук на шега нудеа лажно алиби. Граѓаните со различни политички уверувања истакнуваат дека токму спротивставувањето на масовниот надзор ги обединува.
Дополнителни контроверзии предизвикаа тврдењата дека системот „Фриформ“ овозможува пребарување лица врз основа на облека, тетоважи, па дури и раса. Порталот „404 Медиа“ објави и дека некои полицајци го користеле системот како помош за време на акциите против имигрантите. „Флок“ тврди дека постојат заштитни механизми кои ги предупредуваат администраторите кога во пребарувањето се користат термини поврзани со раса, етничка припадност, религија или националност.
Експертите сметаат дека токму автомобилот е нешто што Американците го доживуваат како продолжение на својот приватен простор, па особено ги вознемирува сознанието дека нивното движење постојано се следи. Директорот за истражување на Фондацијата за електронски граници, Дејв Мас, вели дека граѓаните дури сега стануваат свесни за размерите на прибирањето податоци и можностите за нивно пребарување на национално ниво, што кај многумина предизвикува непријатност.
Довербата дополнително ја нарушуваат случаите на злоупотреба и грешки во системот. Според наводите на порталот „404 Медиа“, голем број полицајци се обвинети дека го користеле „Флок“ за вознемирување и следење луѓе, вклучувајќи поранешни партнери. Компанијата тврди дека поради тоа вовела автоматски контроли кои откриваат сомнителни пребарувања.
Системот греши и во редовната употреба. Новинарот Џоел Федер бил запрен во Минесота откако „Флок“ погрешно означил пробен „Ренџ Ровер“ како украдено возило. Излегло дека во националната база на ФБИ бил внесен нецелосен број на регистарската табличка, поради што системот пријавил погрешен автомобил. Ленгли тој случај го нарече редок исклучок и одговорноста ја префрли на застарената федерална база на податоци.
Иако „Флок“ не е единствената компанија која развива вакви системи, сè повеќе Американци обрнуваат внимание на масовниот видеонадзор. Кога градот Сиракуза објави дека ја раскинува соработката со „Флок“ и преминува на систем од друга компанија, многу граѓани порачаа дека проблемот не е во производителот на камерите, туку во самата идеја за постојан надзор.
Извор:
CNN
Фото: Screenshot/X/@JOKAQARMY1